Економија, финансии, бизнис

Контакт

„НЕ КРПЕЊЕ, НЕ ЛЕПЕЊЕ - КОМПЛЕТНО НОВ УСТАВ“: еве што вели Ванковска за Бугарите, но и за Рамковниот договор

„НЕ КРПЕЊЕ, НЕ ЛЕПЕЊЕ - КОМПЛЕТНО НОВ УСТАВ“: еве што вели Ванковска за Бугарите, но и за Рамковниот договор

Рамковниот си ја заврши својата работа, ако сакаме понатаму треба да се соочиме и еднаш мора да излеземе од стравот да разговараме за Рамковниот договор и 2001 година, вели професорката Билјана Ванковска, кандидат за претседател на Левица. 

Прво што би направила е раскинување на договорот со Бугарија, како и отворање на уставна дебата и процедура за промена на целиот Устав, не, како што вели „овде ќе закрпиме, овде ќе залепиме или ќе додадеме“, туку комплетно нов Устав.

Главна цел, Ванковска вели е да покаже колку сме различни и да го деконструира концептот на „сите се исти“. Смета дека главен адут и фактор на изненадување се луѓето кои одбиваат јавно да кажат која е нивната политичка преференца, а кои, како што вели, се препознаат во она што тие го говорат.

Во однос на Левица, Ванковска вели дека, иако не е член на партијата, меѓу нив постои една синергија и природна хармонија, што ќе се види и во програмата и во настаните. 

Таа вели дека ќе прифати дебата, секаде каде ќе биде поканета и посочува дека нејзина јака страна е токму умешноста вербално да се изјасни и да ги каже работите како што се, но, како што вели, доколку кандидатите прифатат дуел. 

Најавува скромна кампања, без спектакуларни митинзи, бини, огномети, карвани со автобуси. 

Според Ванковска, Рамковниот договор си ја завршил својата работа, а ако сакаме понатаму треба да се соочиме и отвориме дебата, а не тој да се смета како табу тема и нешто за што не смее да се разговара.

- Дваесет години Рамковниот покажа дека од час во час ние завлегуваме во една либанизација, во една уште уставно втемелена етничка сегрегација која веќе доаѓа до апсурд, веќе немате ниту една институција која можете да ја конституирате без да го имате и етничкиот фактор. Во граѓанските држави, во вистинските демократии каде што демосот, граѓанинот владее тоа не е природна работа, така што мојата поента е дека Рамковниот договор си ја заврши својата историска функција и ако сакаме понатаму треба да се соочиме или одиме во бинационална федерална или федерализирана држава или ќе се вратиме и ќе бидеме како нормалните држави - изјави Ванковска.

Според Ванковска, тоа е доведено до ситуација на политика на уцена во која македонскиот народ и Македонецот е уценет од сите страни – од надвор го уценуваат и соседи и ЕУ и Америка, дома Албанците, така што, како што вели, фрустрацијата е разбирлива.

Прашана што конкретно предлага, односно кој ќе биде нејзиниот прв чекор, Ванковска рече дека прво ќе го раскине договорот со Бугарија, а потоа ќе отвори дебата за целосно нов Устав.

- Ова што би прво направила би било раскинување на бугарскиот Договор. Тој е наједноставен формално правно, нема тука драматични ситуации, дури не задира ни во францускиот предлог. Што е следната задача на општеството, не само на претседателот, туку јас сега се надевам дека и останатиот дел од политичката структура ќе се свести дека ова води во бесмисла. Притоа, Европската унија се менува во толку лоша насока, толку сама себеси си пукаше во нога со украинската политика, со милитаризацијата, со социјалните протести што ги има внатре што веќе тоа не е онаа Унија што ни ја ветуваа. Така што, ние мора да се свртиме кон сопствените национални интереси и да го издигнеме и оној наш национален дигнитет, достоинство. Впрочем слоганот на кампањата со која одам е „Да си го вратиме достоинството на народот“. Значи, нас не’ згазија и веќе почнуваме да не си веруваме себеси дека било што можеме да смениме, изјави Ванковска. 

Според Ванковска не можеме да живееме со страв и потребно е да се разговара за работите какви што се, а не да бидеме заложници на сопствениот страв.

- Јас сум за тоа, претседателот да може да ја отвори таа уставна дебата и процедура за промена на целиот Устав велам, не овде ќе закрпиме, овде ќе залепиме или ќе додадеме Бугари или не знам кого. Нам ни треба комплетно нов Устав. Јас сум, затоа велам една таква радикална дебата. Се разбира, претседателот не може да октроира Устав, кога јас би можела би ви кажала – е ваков Устав сакам. Ама не сум јас таа што се прашува. Значи, постои општество, постои дебата, постојат експерти, постојат заинтересирани групи и мислам дека тоа ќе биде шанса, дури и да не успее. Еднаш мораме да излеземе од стравот да разговараме за Рамковниот договор за 2001, хашките злосторства..., изјави Ванковска во интервјуто за МИА. 

Слично

Поврзани вести