Не ја пријавиле блокадата на автопатот Миладиновци - Штип па биле повикани во полиција
Жителите на Долно и Средно Коњари, кои за разлика од петокот, вчера ненајавено го блокираа автопатот Миладиновци - Штип и предизвикаа неколкучасовен застој, вечерта биле повикани на информативен разговор во полициската станица во скопска Автокоманда.
Неколкумина жители вчера изразија незадоволство против концесионер кој врши ископ додека надлежните институции водат истрага, но не го пријавиле уредно настанот во МВР. Жителите од Средно Коњари два дена по ред протестираат поради концесионерот кој интензивно ископува песок и чакал, иако работењето е под ревизија.
„Денеска бевме на протест, два часа го блокиравме автопатот. Дојде полиција и сите што сме тука вечерва по име и презиме не повикаа. И дојдовме да видиме зошто не викаат“, вели Азем Керими за ТВ21, инаку секретар на месната заедница.
Случајот на површински ископ на песок и чакал меѓу селата Долно и Средно Коњари во Општина Петровец е во фокусот на медиумите, особено поради сплотеноста и жестоките реакции на локалното население кое се противи на тоа.
Жителите стравуваат од поплави и загадување на подземните води. Бараа власта на највисоко ниво да се вклучи во одбрана на природните ресурси.
Концесијата ја има фирмата „Еуро прогрес“, чиј управител е Ќазим Османовиќ. Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) завчера соопшти дека ангажирал овластена геодетска фирма за теренски мерења.
