„Не го пропуштајте Водно“ – странски туристи ја промовираат жичницата додека Скопје останува без главната атракција (ВИДЕО)
Иако странските туристи редовно имаат пофални зборови за жичницата во Скопје, која ја сметаат за една од најголемите атракции при посетата на планината Водно, градоначалникот на Скопје,Орце Ѓорѓиевски најави дека жичницата нема да работи во текот на летниот период, поради, како што беше наведено, ризик од паѓање на гондола.
Обајснувањето на градоначалникот Ѓорѓиевски е дека на жичницата не бил направен сервис 15 години, односно откога е пуштена во употреба, и дека поради сериозно оштетување може да доведе до трагедија.
Жичницата со години претставуваше една од клучните туристички атракции за посетителите на главниот град, нудејќи уникатно искуство и панорамски поглед кон Скопје и околината.
Меѓу оние кои го споделиле своето воодушевување е и патувачкиот блогер од Србија, Александра Дидиќ, која во видео објава со посебни емоции го опишува своето искуство на Водно. Таа нагласува дека секој љубител на природата не смее да ја пропушти оваа дестинација.
„Во никој случај, ама баш во никој случај не ја пропуштајте планината Водно ако доаѓате во Скопје, бидејќи верувајте ми – ќе бидете воодушевени ако сте љубител на природата.
На самиот врв на планината се наоѓа и Милениумскиот крст, кој е подигнат по повод 2000 години христијанство, а висината на крстот изнесува 66 метри.
Оттука можете да уживате во погледот кон Шар Планина, Скопска Црна Гора и Јакупица
До врвот на планината можете да стигнете пеш или со жичара. Постои и паркинг кај жичарата кој во работни денови е бесплатен, додека за викенд се наплаќа. Овде можете да направите излет буквално цел ден – понесете храна и пијалак и уживајте во прекрасните погледи кон околните планини.
Мирот на самиот врв е навистина непроценлив.“, вели блогерката во видеото.
Одлуката за прекин на работата на жичницата, според реакции во јавноста, претставува проблем не само за туристите, туку и за сите граѓани и љубители на природата кои го користат Водно за прошетки и рекреација, особено за оние кои не се во можност пеш да се искачат до врвот и Милениумскиот крст.
