„НЕ Е НА ГРАНИЦА ЗА ДА ПРОДАВА ЦВЕЌИЊА, ТУКУ ДА ГЛЕДА ВО КОМПЈУТЕРОТ ДАЛИ ЛИЦЕТО Е НА СТОП ЛИСТАТА“ - Тошковски за бегството на Груби, се испитува дали е организирана операција
Дали полицискиот службеник кој бил на смена кога Артан Груби ја напуштил државата направил грешка од невнимание, или пак тоа било организирано во рамки на одредена група која го организирала бегството, во овој момент се собираат повеќе докази. Ова го одговори министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, гостувајќи на емисијата Отворено на Телевизија 24.
„За ова е отворена истрага и постапува Основното јавно обвинителство и во рамки на она кое ние го имаме како неспорен доказ имаме поднесено кривична пријава за лицето и истото е суспендирано од работа. Во моментов се води и истрага за тоа дали имало некаква комуникација и за каква комуникација станува збор“, рече Тошковски.
„Факт е дека на границата имаше други дополнително пратени служби да регаираат во рамки на евентуалното бегство на предметното лице, но исто така факт е дека не знаеја кого треба да стопираат затоа што тоа е дел од полициската оперативна работа. Никој не можел да претпостави дека еден полициски службеник кој што е на позиција, значи да го земе пасошот од одредено лице, да го стави на скенер, и откако ќе го скенира се појавува на компјутерот пред него дека одреденото лице е на стоп листа, дека наместо да гледа во компјутерот кој што му е основна работа, зошто е инаку на граница, за да продава цвеќиња или да провери дали лицето исполнува услови да ја напушти или да не ја напушти државата, тука тоа никој не можел да го претпостави“, изјави Тошковски во „Отворено“ на ТВ 24.
Тој додаде и дека поради тоа што Артан Груби не изразува иницијатива да се врати во државата е доволен показател за тоа дали е виновен или не.
