„Не бараме одмазда“, порачаа ротителите на Маршот на ангелите во Кочани
Во Кочани денеска се одржа нов „Марш за ангелите“, што го организираат родителите на загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“. Маршот почна во 14:05 часот од Паркот на револуцијата, продолжи низ центарот на градот, покрај Управата за јавни приходи и полициската станица, а заврши пред Основниот суд.
Пред судот, родителите уште еднаш побараа правда, одговорност и целосно расветлување на трагедијата, нагласувајќи дека протестите ќе продолжат додека институциите не обезбедат конкретни и правични санкции за виновните.
„Не бараме одмазда, туку правда“, порачаа тие, предупредувајќи дека судницата не смее да се претвори во „Струшки вечери на поезијата“, алудирајќи на одолговлекувањата и неефикасноста во процесот.
Маршот се одржа во време кога веќе се одржаа неколку рочишта од судењето за пожарот, кое и натаму предизвикува силни реакции во јавноста.
