НБРМ: Во првиот квартал посилен економски раст од очекуваниот
Економската активност за првото тримесечје од годинава оствари солидна стапка на раст од 3,9%, нешто посилен во однос на очекувањата, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на чија редовна седница беа разгледани состојбите во банкарскиот сектор, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и најновите макроекономски показатели, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
„Најновите индикатори во реалниот сектор упатуваат на понатамошно задржување на поволните трендови и во текот на второто тромесечје од годината, чијашто динамика е слична на оцените во априлските проекции. И понатаму не се очекува раст што ќе биде доволно силен за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата во форма на инфлациски притисоци и позначајно влошување на надворешната позиција“, заклучува ова тело на НБРМ.
Најновите податоци за инфлацијата во јуни 2014 година покажуваат засилување на годишниот пад на цените (од -0,6% во мај на -1,1% јуни). Од друга страна, присутни се и нагорни ризици, како што е извесното поскапување на енергијата, лебот и тутунот во јули, како и ризиците поврзани со светските цени на енергијата (заради геополитичките тензии во Ирак и Либија) и храната (заради евентуалните ефекти од поплавите во земјите од регионот).
„Сепак, оценуваме дека во билансот на ризици, во поглед на проектираното движење на цените, и натаму доминираат надолните ризици“, стои во соопштението на НБРМ.
Според последните расположливи податоци, девизните резерви забележаа пад, којшто е повисок од проектираниот за вториот квартал, но сепак се движи во сигурната зона. Податоците за кредитниот пазар за мај 2014 година покажуваат значително забрзување на кредитните текови во текот на месецот, во поголем дел насочено кон корпоративниот сектор. Од друга страна, динамиката на раст на депозитната база е умерена и нешто послаба од очекувањата.
Општо земено, најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Како и претходно ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот на светските цени на енергијата и храната. Како фактор на ризик остануваат ефектите од случувањата поврзани со конфликтот во Украина, поплавите во регионот, како и новонастанатите случувања во Ирак и Либија. Ризиците од овие случувања може да се остварат преку нестабилност на цените на енергентите и на житните производи, а воедно може да влијаат и врз очекуваното економско закрепнување, што наметнува потреба од постојано следење на настаните, се заклучува во соопштението на централната банка.
НБРМ ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.
