НБРМ ја намали каматната стапка на благајничките записи на 3,25 отсто
Каматната стапка на благајничките записи ќе се намали за 0,25 процентен поен односно на 3,25 отсто. Ваква одлука денеска донесе Народната банка на Република Македонија. Станува збор за основна каматна стапка која потоа се користи од страна на комерцијалните банки при нивното деловно работење.
„Во услови кога макроекономските показатели се движат во проектираните рамки, а дел од постоечките ризици се ублажени со веќе преземените мерки на НБРМ во јули, од оценaта на економските и финансиските услови во економијата се согледува дека има простор за дополнително монетарно олабавување преку намалување на каматната стапка“ , стои во одлуката на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Оттука, одлуката на аукцијата на благајнички записи ќе се примени тендер со ограничен износ на понуда и фиксно утврдена каматна стапка од 3,25%, што претставува намалување од 0,25 п.п. во однос на тековната, максимално утврдена каматна стапка на благајничките записи од 3,50%. Комитетот исто така донесе одлука за намалување на каматната стапка на расположливите депозити на седум дена на 1,50%.
„На ваков начин, монетарната политика му дава дополнителна поддршка на процесот на економско закрепнување, преку основниот монетарен инструмент којшто се сведе на историски најниското ниво, со што се стеснува просторот за натамошно влијание во оваа насока преку овој инструмент“, стои во соопшението на НБРМ.
Како што информираат од НБРМ, девизните резерви бележат пад, но според нив станува збор за вообичаено сезонско движење. Од НБРМ исто така посочија дека извршената промена кај инструментот задолжителна резерва ќе го намали ризикот од понатамошно стеснување на распонот меѓу приносите на денарското и девизното штедење.
Слично
