НБРМ до Грција: Не шпекулирајте, се уште не е избран новиот изглед на банкнотите!
Се уште нема конечно решение дали на новата банкнота од 200 денари ќе има мозаик со ликот на Александар Македонски - вака од Народната банка на Македонија ги демантираат написите кои се појавија во грчките медиуми и во кои се тврди оти античкиот војсководец ќе биде централна фигура на новите македонски банкноти што се подготуваат.
Од таму појаснуваат дека се уште не е донесена одлука ниту дали ќе се печатат нови банкноти во апоени од 200 и 2.000 денари, а уште помалку е избрано идејното решение за нив.
“Во врска со вестите што се појавија во некои медиуми, а се однесуваат на изгледот на банкнотите што во иднина треба да бидат пуштени во оптек, истакнуваме дека не може да се зборува за изгледот на банкнотата во оптек, без притоа Советот на Народната банка да донесе соодветни одлуки. Се работи најнапред за Одлуката за издавање банкноти со апоенска вредност од 200 и 2000 денари, понатаму Одлуката за основните белези на банкнотите со апоенска вредност од 200 и 2000 денари и на крајот, Одлуката за пуштање во оптек на банкнотите со апоенска вредност од 200 и 2000 денари. Имајќи предвид дека ниту една од овие одлуки не е донесена, се работи за шпекулација. Ниту едно од решенијата за изгледот на банкнотите што се појавија во наведените вести не е откупено од страна на Народната банка“, стои во официјалното соопштение на Народната банка.
Идејното решение за идната 200-денарка со ликот на Александар Македонски го објавија дел од грчките медиуми со остри забелешки дека станува збор за провокација и дека „Скопје и удрило шлаканица на грчката дипломатија“.
НБРМ неодамна ја најави намерата да пушти во оптек банкноти во новите апоени и распиша конкурс за идејно решение. На конкурсот за графички дизајн биле понудени 52 решенија. Беа рангирани шест понуди, меѓу кои прворангирана е визуализацијата на графичкиот дизајнер и стрип автор Ласко Џуровски, а второрангирано е решението на авторката на сегашниот изглед на бакнотите кои се во оптек, академик Билјана Унковска.
Слично
