НБРМ: Банките стабилни и покрај растот на нефункционални кредити
Како резултат на последиците од глобалната економска и финансиска криза, во првите шест месеци од 2013 година квалитетот на кредитното портфолио на македонските банки продолжи да се намалува, што се огледа преку високиот раст на нефункционалните кредити на корпоративниот сектор, заклучи Советот на Народната банка на Република Македонија кој денеска го разгледа Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија за 2013 година.
„Во втората половина на годината, поттикнати од трендот на закрепнување на домашната економија, дел од банките направија засилени напори за поголема наплата на нефункционалните побарувања, како и преструктурирања на побарувањата од оние клиенти за кои оцениле дека е потребно целисходно приспособување на кредитните услови кон нивната моментална финансиска состојба. Овие активности, заедно со поголемата кредитна активност на банките кон корпоративниот сектор, придонесоа на крајот од 2013 година стапката на нефункционални кредити да биде на најниско ниво за целата година, со исклучок на јануари, и да изнесува 11,5%“, истакнува Советот на НБРМ.
Притоа се нагласува дека стабилната и висока ликвидност останува еден од основните столбови на банкарскиот систем, при што ликвидните средства продолжуваат да растат и во континуитет покриваат речиси 60% од депозитите на домаќинствата кај банките. Покрај ликвидноста, за зацврстување на финансиската стабилност придонесува и високата солвентност на банките.
„Профитабилноста на македонските банки е видно подобрена во однос на 2012 година, главно поради растот на нето каматниот приход, кој пак произлезе од падот на расходите за камати. Одржувањето поволна нето каматна маргина претставува битен предизвик за банките во наредниот период, во услови на значително намален простор за натамошно спуштање на каматните стапки на депозитите и сѐ уште присутните ризици од оштетувања во кредитното портфолио“, додава Советот на НБРМ.
Слично
