НБМ ТВРДИ: Надворешниот долг расте ама е во “безбедна зона“!
Расте приватниот долг
кон странство, но во пораст е и долгот на јавниот сектор. Во најновиот
квартален економски извештај, Народната банка констатира дека заклучно со
првата половина од годината, Бруто надворешниот долг достигнал 72 % од БДП што
на квартално ниво претставува раст од 1,1 процентен поен.
“Ваквото квартално зголемување на бруто-долгот главно произлегува од растот на приватниот долг, во услови на мало нагорно поместување и кај јавниот долг. Растот на приватниот долг е последица на повисокиот меѓукомпаниски долг, т.е. зголемувањето на обврските кон директните инвеститори, зголемениот долг на небанкарскиот приватен сектор, како и на минималното зголемување на банкарскиот долг. Притоа, повисокиот долг на корпоративниот сектор е резултат на зголемувањето на краткорочните обврски врз основа на трговски кредити и аванси и заеми, додека банкарскиот долг е умерено зголемен заради растот на краткорочните обврски врз основа на заеми и на валути и депозити“, се наведува во Извештајот на НБМ.
Во анализата се посочува и растечкиот јавен долг, особено по задолжувањето со новата Еврообврзница.
“Годишниот раст кај јавниот долг во најголем дел е предизвикан од растот на долгот на државата поради емисијата на четвртата Вврообврзница во декември 2015 година и натамошниот раст на долгот на јавните претпријатија за поддршка на патната инфраструктура“, се нотира во извештајот на НБМ.
Според последните податоци, заклучно со вториот квартал, Бруто надоврешниот долг надмина 6,9 милијарди евра или 73,1% од БДП, што е историски највисоко регистрирано ниво откако се спроведува мерење на овој критериум. Од НБМ посочуваат дека според овој критериум Македонија е во групата на високо задолжени економии, но дека сепак земјата е во безбедна зона.
“Општо гледано, показателите за надворешната задолженост на домашната економија и понатаму покажуваат дека бруто надворешниот долг се наоѓа во „безбедната зона“.Единствениот показател според којшто економијата се класифицира во групата високозадолжени земји претставува учеството на бруто надворешниот долг во БДП“, се вели во ноемвриската анализа.
Д.А.