Навивачка еуфорија пред историскиот предизвик: Македонија не е сама!
Во пресрет на фудбалскиот натпревар Македонија- Данска, улиците на Копенхаген веќе се обоени во црвено-жолто.
Македонските навивачи пристигнуваат од Македонија, но и од дијаспората, Данска, Шведска и пошироко. За многумина од нив, ова не е само уште едно гостување, туку вистински празник на заедништвото и љубовта кон татковината.
Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Копенхаген го игра еден од најзначајните натпревари во поновата историја во рамки на бараж-мини турнирот за пласман на Светското првенство. Натпреварот, кој започнува во 20:45 часот, не носи само спортска тежина, туку и огромна емоционална вредност за сите навивачи кои со години сонуваат за нов голем успех на националниот тим.

Меѓу најверните поддржувачи е и Горан Кипријановски, навивач кој со години е препознатлив лик на трибините каде и да игра Македонија, во кој било спорт. Неговата страст и посветеност ја отсликуваат душата на македонскиот навивач, секогаш присутен, гласен и горд.
- Копенхаген е ново фудбалско доживување, но и повод со причина за ново патување и уживање во убавините на градот. Ова се моменти што се паметат. Да навиваме сите заедно и да и дадеме максимална поддршка на Македонија, на нашите фудбалери. Одиме на победа - вели Кипријановски со нескриена емоција.

Неговите зборови ја отсликуваат атмосферата меѓу навивачите, но и очекувањата од овој клучен натпревар. Трибините вечерва нема да бидат само место за следење на играта. Тие ќе бидат срцето што ќе ја движи Македонија напред.
Слична енергија носи и Мирослав Поповски, уште еден навивач кој допатувал во Копенхаген со една цел, да биде дел од моментот што може да влезе во историјата.
-Секој си има свој сон, а нашиот е Македонија да игра на Светско првенство. Денес сме тука да ја победиме Данска и да направиме чекор поблиску до тој сон. Ова не е само натпревар, ова е надеж- вели Поповски.
Овие сведоштва говорат за нешто многу поголемо од фудбал. Репрезентацијата е симбол на обединување, особено во моменти кога илјадници луѓе, без разлика каде живеат, стојат зад едно знаме, една химна и една цел.
Противникот е силен, Данска важи за фаворит, но Македонија и во минатото покажала дека знае да изненади кога најмногу е потребно. Верата, борбеноста и поддршката од трибините ќе бидат клучните фактори вечерва.
Овој натпревар е можност за ново поглавје во македонскиот фудбал, чекор кон сонот што го дели цела нација. А кога навивачите се обединети и гласни, ништо не е невозможно.
Вечерва, Копенхаген нема да биде само дански град. Ќе биде македонска сцена на надеж, страст и верба.
Извор: Машки магазинС.А.Н
