НАУТРО ЛАДНО И СО НЕВООБИЧАЕНО НИСКИ ТЕМПЕРАТУРИ, ТОПЛО ПРЕКУ ДЕН - нови дождови во понеделник
Студени утра, но лето преку денот. Времето во текот на викендов ќе биде стабилно и топло, нови дождови се најавуваат од понеделник.
- Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец, поизразен во источните делови и долж Повардарието. Утринската тепмература денеска ќе се движи од 8 до 14 степени, а максимални температури ќе достигнат и до 30 степени - соопштуваат од УХМР.
За време на викендот времето ќе биде стабилно со мала до умерена облачност. Нови врнежи од дожд проследени со локална нестабилност ќе има во понеделник, а од вторник повторно ќе биде стабилно со пораст на температурите.
И метеопрогнозерот Славчо Поповски најавува стабилно, суво и сончево време за викендов со појава на мала до умерена локална облачност. Во сабота 25 јули повремено ќе засилува ветерот од северен правец, а во недела 26 јули особено во западните предели повремено ќе дува засилен ветер од западен правец. - Наутро викендов ќе биде многу свежо, па дури и релативно ладно и ќе ни треба потоплата облека. Минималните температури ќе се спуштаат во интервалот од 5 до 16 степени, а на високите планини, особено над 2000 метри надморска височина температурите ќе се спуштат дури и под нулата и ќе има појава на слаб мраз. Максималните дневни температури на воздухот пак на ден сабота 25 јули во Македонија ќе се искачуваат во интервалот од 22 до 30 степени а во Скопје и околината температурата ќе се искачи до околу 27 степени. Поголем пораст на максималните температури во Македонија ќе имаме на ден недела 26 јули кога тие ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 35 степени. Во Скопје и околината на ден недела 26 јули максималната температура е се искачи до околу 34 степени - укажува Поповски и напоменува дека многу свежи утра викендов ќе има и Скопје и околината кога минималната температура ќе се спушта до околу 10 степени.
