Наумовски со допис од четири страници до МНР
Ниту бил предвиден во составот на делегацијата на министерката Шекеринска ниту било возможно самоиницијативно да се појави на средбите со што би покажал непочитување и проблеми во протоколот и безбедноста, вели во своите аргументи Васко Наумовски во дописот до Министерството за надворешни работи. Македонскиот амбасадор во САД доставил допис на четири страници до МНР, до кој Алфа ТВ преку свои извори во министерството дојде, каде ги расветлува деталите од скандалот за кој министерката за одбрана Радмила Шекеринска го обвини дека „го немало никаде“ на значаен прием во САД.
Во дописот објаснува дека составот на делегацијата и форматот на состаноците го одредува шефот на делегацијата, а секој обид на амбасадорот самоиницијативно да стане дел од средбите би значело непочитување на шефот на делегацијата, и би предизвикало проблеми во протоколот и безбедноста. Притоа невозможно е присуство на дипломат на средба доколку не е претходно најавен, а особено не во државните институции на САД.
„Во програмата јасно е наведено дека лице за пречек е одбранбеното аташе, а не амбасадорот. Појавувањето на амбасадорот на пречекот би значело непочитување на волјата и очекувањата на делегацијата. Во однос на сите средби, форматот ги вклучувал само членовите на делегацијата, меѓу кои го нема амбасадорот. Амбасадорот немал намера да изразува интерес и да навлегува во ничие приватно време, особено не на високи функционери“, навел амбасадорот.
Во изминатиот период, вели тој, биле организирани повеќе посети на делегации (Анѓушев, Димитров, Груби, Кирацоски, Адеми) при што секогаш амбасадорот бил дел од делегациите, и присуствувал на средбите, што е јасен демант на обвинувањата за некакво политичко делување.
Наумовски ќе биде повикан на консултации во Скопје, објавија денеска од МНР.
