Наум Кајчев вели дека во Македонија се пишуваат нови учебници
Наум Кајчев, член на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, за БНТ изјави дека во Македонија се пишуваат нови учебници.
„Забелешките не доаѓаат само од Бугарија, туку и од Грција, како и од албанската заедница во Република Северна Македонија. Но, работата на нашата комисија првенствено влијае на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија во историска смисла“, изјави тој.
Според него, комисијата е експертска, а не политичка. Тој изразил загриженост дека политичарите од Република Северна Македонија се мешаат во работата на комисијата.
На онлајн средбата денеска немаше напредок. По денешната 12. средба, нема придвижување за дискусијата за учебниците по историја, а не е постигната ниту согласност за прашањата поврзани со средновековието. Комисијата не го отворила ниту прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување.
