Наташа Димитриевска поднесе претставка против судијката Елена Илиевска Јосифовиќ
Наташа Димитриевска, сопругата на Гоце Димитриевски кој го загуби животот по сообраќајката што во 2018 година се случи кај „Млечен“ во Скопје, поднесе претставка до Судскиот совет против судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, поради пристрасност.
Пресудата изминатиот период предизвика бран на негативни критики во јавноста откако возачот кој преминувајќи преку две ленти му го одзеде животот на Димитриевски а неговата сопруга го загуби плодот и беше повредена, при што 64-годишникот доби само условна казна.

Димитриевска одлуката ја нарече пристрасна и додаде дека воопшто не се ценеле доказите. Како што вели тетовката на брифингот со медиумите, возачот на џипот кој удрил во нив додека се возеле на моторот, живеел во близина на несреќата па најверојатно пракса му било да преминува преку двете полни линии иако било забрането свртувањето.
Таа најави и дека ќе се обрати и до Советот на јавни обвинители од каде ќе бара преиспитување на постапувањето и на обвинителката која го водела предметот.

Денеска се јави Обвинителството за случајот кај Млечен ресторан, односно за спорната пресуда. Тие ќе ја обжалат одлуката за пресудата која е само условна, но тврдат и дека надлежната обвинителка направила се што налагале законите а што е во опис на нејзините задачи.
