НАСТАНОТ Е ПРИЈАВЕН ВО ПОЛИЦИЈА: Во Струмица имало oбид за киднапирање на тригодишно дете
Во Струмица имало oбид за киднапирање на тригодишно дете, а полицијата испитува дали се работи за кривично дело.
Во Големиот градски парк во Струмица имало обид за киднапирање на тригодишно дете. Веста се прошири и се споделува по социјалните мрежи, а од полицијата денеска потврдија дека случајот е пријавен кај нив.
Според објавите тригодишното дете се обиделе да го киднапираат две лица, кои наводно зборувале странски јазик, но откако еден од родителите успеал да ги спречи во намерата, тие побегнале.
„Според пријавеното, откако пријавителката им викнала, лицето го пуштило малолетникот и му ја ставило капата на главата, која претходно му пaднала, по што заминале. СВР Струмица веднаш презеде мерки за откривање на лицата и расчистување на случајот. Извршен бил увид на местото и било разговарано со сведоци, при што е утврдено дека во моментот на локацијата имало голема раздвиженост на луѓе, а малолетникот стоел на мал дрвен мост каде постоела опасност да падне во вода, а лицето кое го кренало детето од мостот го пуштило на земја непосредно откако се симнале од мостот“, стои во известувањето за МИА од СВР Струмица.
Оттаму додаваат дека полицијата продолжува со преземање мерки во насока на утврдување дали во конкретниот случај постојат елементи на кривично дело или лицето тоа го сторило со цел да го заштити детето од можна опасност.
