Наскоро се очекуваат првите пресуди за Мерко
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко овој месец треба да ги слушне првите пресуди за дел од вкупно 9 обвиненија кои му се ставаат на товар, објави Алсат ТВ.
Мерко наредната недела повторно ќе седне на обвинителна клупа, за набавка на луксузното ауди А6 од 67.000 евра и уште три други автомобили во вредност од 114.000 евра-во време кога Општина Струга била со блокирана жиро сметка,а потоа и за незаконско поставување директори во неколку основни училишта.
- За очекување е да има барем првостепена пресуда во дел од овие предмети, бидејки некои од нив не се нови предмети кои што туку започнуваат, ниту станува збор за комплексни случаи. Така што во дел може да се очекува, меѓутоа не верувам дека би имало правосилна одлука до крајот на оваа година, изјави Дарко Аврамовски- Коалиција сите за правично судење.
За помалку од 5 месеци истекува четврттиот мандат на Мерко како градоначалник на Струга, а пред две години се најде на американската црна листа.
