НАСКОРО НОВА ВЛАДА: Уверенијата во Собрание, до сабота нов Парламент!
Претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски најави дека денеска во Собранието ќе ги испрати уверенијата за пратениците кои се избрани, а досегашниот претседател Трајко Вељановски, ќе го почитува законскиот рок за свикување на нов состав на Собранието, кој истекува во сабота на 31 декември.
Датумот на конститутивната седница на новиот состав на Собранието, ќе биде познат кога добијат потврда за пратеничките мандати врз основа на гласањето на изборите. По формирањето, Собранието има рок до 20 јануари да избере нова Влада на РМ.
По неофицијалните информации, седницата на новиот состав на Собранието ќе биде најверојатно в петок, но тогаш само ќе бидат верификувани мандатите,а нема да биде избран претседател на парламентот. За да биде некој избран за претседател на Собранието, мора да добие барем 61 глас од 120 пратеници, што би се случило , доколку партиите се договорат и за формирање на коалициона влада.
Двете ривалски партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, повторија дека ќе формираат влада, иако ниту една нема доволно мандати тоа да го направи сама, туку сметаат на коалициите со партиите на Албанците.
По прелиминарните резултати, ВМРО ДПМНЕ доби 51 мандат, СДСМ 49, а четири листи на албанските партии освоија вкупно 20 мандати. ДУИ која во последните осум години беше во владеачка коалиција со ВМРО ДПМНЕ има 10 мандати, движењето БЕСА пет, Алијанса за Албанците три, а Демократската партија на Албанците два. Обидот на лидерот на ДУИ Али Ахмети да ги собере албанските партии да се догворат за заеднички настап во преговорите за новата влада, не успеа, бидејќи дојде само лидерот на партијата Алијанса за Албанците Зијадин Села. На состанкот не дошле претставници од ДПА и БЕСА на што Ахмети одговорил дека не сака да прави коалиции со партии кои не направиле ништо за Албанците и кои се криминални и корумпирани, но лидерот на ДПА најави дека оваа недела повторно ќе се обиде да ги собере албанските партии да разговараат за заеднички настап во преговорите за коалиционата влада.
