Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАСИЛСТВОТО, СЕКОЈДНЕВИЕ ЗА МНОГУ УЧЕНИЦИ, НО РЕШЕНИЕ НЕМА: Бојкот на наставата уште трае

НАСИЛСТВОТО, СЕКОЈДНЕВИЕ ЗА МНОГУ УЧЕНИЦИ, НО РЕШЕНИЕ НЕМА: Бојкот на наставата уште трае

Во училишните дворови, училишните ходници, тоалетите, па и во самите училници за многу деца врсничкото насилство е секојдневие. Малтретирањето е сеопфатно и често се однесува на физичкиот изглед, семејната состојба, или просто на различноста. Децата кои носат наочари, кои се посиромашни или едноставно, кои се поинакви од останатите често се таргетирани од своите соученици, или од барем еден. Ова насилство не само што ги повредува емоционално во дадениот момент, туку остава траги кои можат да траат цел живот.

„Ме задевуваат за мојата тежина. Ми се смеат секој ден, велат дека сум дебела и дека никогаш нема да имам пријатели. Не знам како да се соочам со тоа“, раскажува 13-годишната Тамара, чие самодоверба е уништена од постојаното насилство. „Мама ми вели да не обрнувам внимание, ама кога тоа трае секој ден, е многу тешко да се издржи“, додава таа.

„Поради тоа што носам наочари, секогаш ме задевале. Ми велат дека изгледам како библиотекар и се смеат на мојот изглед. Се чувствувам како да сум некој кој не припаѓа“, споделува 14-годишниот Мартин, кој, како што дополнува и мајка му, многу пати ги бришел солзите од своите образи по училишните одмори.

Некои деца се малтретирани поради тоа што потекнуваат од помалку материјално обезбедени семејства.

„Мојот син често се чувствува изолирано бидејќи не може да носи нови работи како другите деца. Во училиште му се смеат поради тоа што облеката му е постара и не е брендирана. Се трудам да го тешам, но не знам како да го заштитам од ваквото насилство“, вели мајката на 11-годишниот Александар.

Овие деца не се само статистика – тие се живи личности, чии приказни за болка и постојано неприфаќање остануваат заборавени веднаш по немилите случки, вели нашата соговорничка, мајката на Александар која сака да остане анонимна за да не „направи дополнителна штета“ на својот син.

Насилството низ бројки, статистика за инцидентите во изминатиот период

Врсничкото насилство и понатаму е сериозен проблем во македонските училишта, а во последните години се забележува пораст на пријавените случаи. Во текот на 2023 година, статистиката за насилството меѓу учениците стана загрижувачка. На пример, Министерството за образование и наука (МОН) само за еден месец во 2024 година примило шест пријави за врсничко насилство​. Според податоците на МВР во последниот извештај за периодот од 1 јануари заклучно со 30 јуни 2024 та година регистрирани се 73 настани со насилно однесување меѓу ученици.

Се проценува дека 33 отсто од учениците изјавиле дека биле изложени на некој вид насилство, а истражувањата покажуваат дека најчесто жртви на насилството се деца од социјално понизок статус, додека агресорите потекнуваат од побогати семејства​. Кај жртвите, има и деца кои се со посебни образовни потреби кои се и најчесто отфрлани и социјално занемарени од нивните врсници.

Понатаму, бројот на случаи во училиштата кои се поврзани со физички пресметки, како и насилство кое е снимано и објавуванона интернет, постојано се зголемува. Пример за вакви инциденти е настанот што беше забележан минатата година во центарот на Скопје, кога малолетничка беше претепана, а нападот беше сниман и подоцна споделен на интернет​

Според податоци од истражувањата, во училиштата има и забележителни проблеми со социјалното и вербалното насилство, кои често преминуваат во физички напади. Точно како во случајот со еден од најновите инциденти, ученици кои биле малтретирани поради изгледот, социјалниот статус или само затоа што носат наочари, се принудени да се соочат со постојани нападите, а жртвите често се изолирани од нивните врсници​

Податоците за 2023 , но и од се незавршената 2024 годинапокажуваат дека иако институциите ја препознаваат сериозноста на овој проблем, многу често задоцнето реагираат. Националните истражувања покажуваат дека и покрај забележителниот пораст на случаи на насилство, потребна е поголема соработка помеѓу Министерството за образование, Министерството за внатрешни работи и социјалните служби, со цел да се осигура брзо и ефикасно решение на проблемот​.

Образовните асистенти имаат клучна улога

Образовните асистенти играат клучна улога во создавањето инклузивен образовен систем, особено за учениците со попреченост. Нивната главна задача е да им помогнат на учениците во текот на наставата, да ги поддржат во социјализацијата и да им помогнат да ги извршуваат образовните обврски. Според Министерството за образование и наука, во оваа учебна година се ангажирани над 1.000 образовни асистенти. Иако, тие често се поврзуваат со ученици со инвалидитет, не сите асистенти се исклучиво за оваа група. Понекогаш нив им се доделуваат и деца кои имаат проблематично однесување, вклучувајќиг и оние кои го прават булингот.

„Децата кои покажуваат насилничко однесување често не се свесни за последиците. Наша задача е да ги насочиме и да им помогнеме да се вклучат во социјални активности кои ќе ги поттикнат на позитивно однесување. Работата со такви деца е дел од целокупниот процес на инклузивно образование, вели Татјана В, која неколку години е образовен асистент“​

За да се постигне вистинска инклузивност, образовните асистенти треба да бидат добро обучени и да имаат континуирана поддршка и соработка со наставниците. Затоа, едукацијата за инклузивно образование и работата со ученици кои имаат проблеми со однесувањето или тие што се предмет на насилство, мора да бидат приоритет на образовните институции.

Бојкот на наставата поради насилното дете, родителите се спротивставуваат на интеграција во училиштето

Последниот сериозен случај на училишно насилство во Скопје доведе до протест на родителите и бојкот на наставата во училиштата „11 Октомври“ и „Лазо Ангеловски“. Причината за ова беше што насилно дете, кое било исфрлено од повеќе училишта поради насилно однесување. Конфликтот ескалираше до тоа што родителите одлучија целосно бојкотирање на наставата​.

Овој инцидент ја покажува растечката загриженост за насилството во училиштата во Македонија. Училиштата се соочуваат со тешкотии во справувањето со насилното однесување, што често доведува до нарушување на наставата. Овој случај покажува дека решавањето на ваквите проблеми бара повеќефазен пристап, кој ќе вклучува не само дисциплински мерки, туку и подобри превентивни мерки, поддршка за децата кои се погодени, како и напори за спречување на насилството и булингот во образовниот систем. Како што покажува овој случај, силната комуникација и соработка помеѓу училиштата, локалните власти и родителите се клучни за решавање на ваквите чувствителни проблеми и обезбедување на безбедна училишна средина.

Анита Буховски

Фото: Verywell, democratandchronicle.com, WHYY

Слично

Поврзани вести