Нашата политика е Карпош да прерасне во општина со „нула отпад“, вели Весковски
Нашата политика во наредните четири години е фокусирана на подигнување на нивото и квалитетот на одржување на постојното зеленило и садници и воспоставување нови зелени површини, а клучниот капитален проект е изградбата на големиот зелен парк спроти населбата Карпош 4, вели кандидатот за градоначалник од СДСМ, Душко Весковски.
Додава дека нивна заложба ќе биде субвенционирање на граѓаните во Општина Карпош со инвертери заради зголемување на енергетската ефикасност, а со тоа намалување на загаденоста, односно заштита на животната средина. Исто така ќе се продолжи трендот на поставување фотоволтаици на јавни објекти каде што е возможно тоа.
„Еден од нашите главни приоритети е одржување на високо ниво на комуналната хигиена и урбаната опрема во Општината, за што ќе ангажираме соодветен број комунални редари. Во соработка со НВО, градските јавни претпријатија и општествено одговорните компании, нашата политика е Карпош да прерасне во општина со „нула отпад“. Нашата политика е сите објекти за згрижување на деца, образовни и културни институции, да бидат претворени во енергетски ефикасни објекти, со уредени зелени површини. Иако климатските промени, заштитата на водните ресурси и пречистувањето на отпадните води се прашања за кои општината нема посебни ингеренции, нашата политика во наредниот четиригодишен период е активно да се вклучиме во активностите што ги спроведуваат Владата и Град Скопје“, вели Весковски.
Тоа особено се однесува на заштита на реката Вардар и изградбата на пречистителната станица за отпадни води на Град Скопје.
