Насер Зибери: Го прифатив предлогот на ДУИ за да се надмине биполарната нетрпеливост помеѓу партиите
Насер Зибери, кандидатот номиниран од ДУИ за премиер на Македонија, денеска на брифинг со новинарите рече дека го прифатил предлогот на Интегративците за како што вели тој, да се надмине биполарната нетрпеливост помеѓу најголемите политички партии во земјата.
Сепак поранешниот министер за труд и социјална политика од редовите на ПДП, не рече што е тоа што го натерало да го промени неговиот став, откако изминатиот период за идејата за прв Албанец премиер на Македонија коментираше дека тоа барање е далекусежно и дека е потребен коалициски договор.
- Ни една политичка партија со исклучок на еден два периода со бојкот, сама не составил влада, па дури и кога можела, заради стабилноста и прогресот била упатена да има коалиција со партии од друга политичка провиненција. Треба да се надмине биполарната нетрпеливост помеѓу главните политички субјекти. Премиер Албанец кој ќе може да интегрира и е потребен на Македонија. Според моите постулати како ја гледам иднината на Македонија, убеден сум дека ќе ми се овозможи таа поддршка, рече денеска Зибери одговарајќи кратко на новинарското прашање.
