Народниот правобранител смета дека наставнички може да носат шамија во училиште
Народниот правобранител Иџет Меџити смета дека наставнички од Македонија може да носат шамија во училиштата додека трае наставата. Вчера институтот поднел барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за основното образование, објави „Академик“
Во членот 11, за кој Народниот правобранител бара автентично толкување се пропишува дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја.“
Народниот правобранител посочува дека до него, како институција, била поднесена претставка од граѓанин, во која се истакнува дека на неговата сопруга, која била вработена како одделенска наставничка во второ одделение, од страна на директорката на училиштето ѝ било укажано на членот 11 од Законот за основното образование и на Кодексот на однесување и облекување на наставниот кадар.
За подносителот на претставката ваквото укажување претставувало дискриминација по верска основа. Исто така, наставничката вработена во училиштето смета дека носењето шамија на работното место не е верско организирање и дејствување, мислење кое го дели и Народниот правобранител.
