Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАРОДНА БАНКА ПРЕКУ ОГЛАС БАРА КАНДИДАТ ЗА ВИЦЕГУВЕРНЕР - дали се бара замена за Бајрами?

НАРОДНА БАНКА ПРЕКУ ОГЛАС БАРА КАНДИДАТ ЗА ВИЦЕГУВЕРНЕР - дали се бара замена за Бајрами?

Нов оглас осамна на веб страната на Народната банка на Република Северна Македонија со кој се бараат кандидати заинтересирани за позицијата вицегувернер.

Народна банка, односно Собранието на Република Северна Македонија неодамна за вицегувернери на Народната банка ги избра Ана Митреска и Игор Величковски, а со новиот оглас останува да се пополни третото вицегувернерско место. 

Покрај Митреска и Величковски, вицегувернер во Народната банка е и Фадил Бајрами, кој на оваа функција се задржа најдолго. Имено Бајрами е вицегувенер над 20 години, однсоно тој годинава ќе направи 21 година на ова работно место. 

Бајрами е на позицијата уште од 2005 година, и тој досега беше реизбран за вицегувернер два пати, последен пат во септември 2019 година беше назначен од тогашниот претседател на Собранието за вицегувенер. Оваа година навршуваат седум години од неговиот трет избор за вицегувернер. 

Со огласот кој сега е објавен на веб страната на НБРСМ може да се види дека тој е отворен за лица кои се државјани на Република Северна Македонија и кои имаат висок кредитен број на образовни поени според ЕКТС или завршен VII/1 степен на образование, со релевантно професионално или академско искуство во областа на економијата, финансии, банкарство или право.

Кандидатите не смеат да бидат должници во стечајна или ликвидациона постапка и не смее да им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, ниту пак забрана за основање и работа на банка или друга финансиска институција.

Покрај образованието и професионалното искуство, кандидатите треба да поседуваат меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик, не постар од пет години, како што се ТОЕФЕЛ, ИЕЛТС, ИЛЕЦ, ФЦЕ, БУЛАТС или АПТИС.

За да се пријават, кандидатите треба да достават кратка биографија, потврда за државјанство, диплома или уверение за завршено високо образование, изјави заверени кај нотар за исполнување на условите за стечај и забрани, како и сертификат за англиски јазик. Документите треба да бидат оригинал или заверени копии и да се достават до Архивата на Народната банка на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ бр.1 во Скопје, со назнака „Пријава за јавен оглас за избор на кандидат за вицегувернер на Народната банка“.

Рокот за поднесување на пријави е 30 дена од денот на објавувањето на огласот, а изборот ќе се изврши во рок од 45 дена по истекот на рокот за пријавување. Ненавремените или некомплетни пријави нема да бидат разгледувани.

Овој избор претставува клучен чекор во обезбедување стабилност и стручност во управувањето со монетарната политика и финансиската стабилност во земјата.

Согласно законот за работа на Народната банка, мандатот на гувенерот и вицегувенерните е седум години, со право на повторен избор. Сепак, законот не пропишува колку пати едно лице може да биде реизбрано за истата позиција. 

Дали со овој оглас ќе се избере нов вицегувернер или Бајрами повторно ќе биде избран за истата функција останува да видиме. 


Неговата колешка Митреска сега го почна нејзиниот втор мандат како вицегувернерка, додека на Величковски ова му е прв мандат како вицегувенер. 

Од НБРСМ за „Фактор“ потврдија дека огласот е објавен поради истекот на мандатот на Бајрами. 

- Јавниот оглас за избор на кандидат за вицегувернер на Народната банка произлегува од истекот на мандатот на Вицегувернерот д-р Фадил Бајрами на 14 септември 2026 година.

Вицегувернерот Бајрами ги исполнува условите потребни за позицијата вицегувернер, со оглед дека неговиот мандат се уште не е истечен. Имено, во овој момент, согласно член 51 од Законот за Народната банка не постојат услови за престанок на неговиот мандат.

Согласно со член 49 став 1 од Законот за Народната банка, не постои ограничување за тоа колку пати еден вицегувернер може да биде реизбран на таа позиција - појаснуваат од Народна банка 

П.О.

Слично

Поврзани вести