НОВ РАСТ НА ЗАДОЛЖЕНОСТА И ШТЕДНИТЕ ВЛОГОВИ - депозитите на домаќинствата растат со поголемо темпо
Народна банка на Република Северна Македонија објави дека е забележан нов раст на кредитирањето на населението, заедно со раст на депозитите.
Како што е посочено во нивниот извештај, на годишно ниво е забележан раст на вкупните депозити од 9,9 отсто, поради повисоките депозити на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.
Во истиот период е забележан раст и на вкупните кредити од 12,6 процнети, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај корпоративниот сектор.
- Вкупните депозити, во февруари, се намалени за 0,1 отсто на месечна основа, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор, додека депозитите на секторот „домаќинства“ остварија раст. Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 9,9 проценти, поради повисоките депозити на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“ - се посочува во соопштението на НБРСМ.Во февруари, вкупните кредити остварија месечно зголемување од 0,2%, во целост поради зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“, при пад на кредитите на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити забележаа раст од 12,6%, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај корпоративниот сектор.
- Депозитите на корпоративниот сектор, во февруари, бележат намалување од 1,7% во споредба со претходниот месец, поради намалените депозитни пари и краткорочните депозити во денари, во услови на забележан раст на долгорочните депозити и краткорочните депозити во странска валута.
Годишниот раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 9,0% и во најголем дел произлегува од зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при дополнителен позитивен придонес и на краткорочните, и на долгорочните депозити во денари, додека долгорочните депозити во странска валута остварија пад - се наведува во соопштението на НБРСМ.
Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор остварија месечно намалување од 0,2 отсто, коешто во поголем дел е резултат на пониските кредити во странска валута, при помал пад и на кредитите во денари. Споредено на годишна основа, растот од 14,3% во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари, при забележан пад на кредитите во странска валута.
Вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, се зголемени за 0,8% на месечно ниво. Притоа, нагорната промена произлегува пред сѐ од растот на депозитните пари и долгорочните депозити во денари, при помал раст и на долгорочните депозити и краткорочните депозити во странска валута, додека краткорочните депозити во денари забележаа намалување. Во споредба со истиот месец минатата година, депозитите на домаќинствата се повисоки за 11,4% како резултат на растот на депозитните пари и долгорочните депозити во денари, при помал раст и на останатите компоненти. ‒ Во февруари, кредитите на домаќинствата остварија месечен и годишен раст од 0,7% и 11,3%, соодветно. Промената кај двете основи се должи на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во февруари, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечен раст од 0,8% и 1,1%, соодветно, како и годишен раст од 10,6% и 16,1%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити се зголемени за 1,5% и 3,0%, на месечно и на годишно ниво, соодветно, додека кај кредитите одобрени на кредитните картички е забележано месечно и годишно намалување од 1,6% и 5,1%, соодветно. Во февруари, негативните салда на тековните сметки бележат месечен пад од 0,8%, при годишен раст од 0,8%. Кредитите одобрени врз други основи, во февруари, остварија месечно и годишно намалување од 0,7% и 11,2%, соодветно.
Фото: Фактор
