Наредба за одземање на документацијата од изведувачот на тетовската модуларна болница
Обвинителството издадло наредба до тетовската полиција за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница во Тетово каде што изгореа 14 лица.
Документацијата освен од самата болница, одземена е и од правното лице – изведувачот на изградбата.
Досега сослушани се дел од сведоците од местото на настанот, дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во Модуларната Ковид Болница ноќта кога е избувнал пожарот, но и други лица кои биле во можност да сведочат.
„Основното јавно обвинителство во Тетово, во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема неопходни мерки и активности за проверка на евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите заштита при работа, а меѓу другото, и на прописите од областа на противпожарната заштита“, соопштија од ОЈО.
Од таму велат дека итната истрага наложува соработка со Дирекција за заштита и спасување, со полициски службеници од ОКТИВ при МВР-Скопје, вешти лица од областа на електротехниката, како и претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица.
