Нападнатиот контролор стана член на Надзорниот одбор на М-НАВ?
Владата покажа ниво и го одржа зборот пред контролорите на летање. За штрајк и затворање на македонското небо нема да се зборува. Владата како акционер во М-НАВ го прифати предлогот на пркосниот Синдикат на контролори на летање и го именува Едмонд Калиќи за член на Надзорниот одбор кој сега има мандат да ги разреши двајцата директори во таа компанија како и што вети Владата минатата седмица
Контролорот на летање Едмонд Калиќи е нов член на надзорниот одбор на М-НАВ, државната компанија која е природен монопол во контролата на македонското небо. И ова би било само обична техничка вест, но не е така.
И тоа заради овие неколку причини. Првата е таа што Калиќи е предлог на синдикатот на М-НАВ. Овој синдикатсо своето делување, кое некои по стресните настани во кулата за летање на скопскиот меѓународен аеродром, го именуваат како пркос ја дигна на нозе македонската влада. Таа дури и мораше да објаснува пред високите претставници на НАТО во Македонија дека во М-НАВ нема да се повтори силеџиство.
Втората е дека Владата покажа капацитет и го прифати предлогот на синдикатот за именување на Калиќи за член на Надзорниот одбор.
Третото и најинтересното е тоа што токму Калиќи бил еден од тие контролори на летање кој бил предмет на нападот во контролната кула на М-НАВ при што група насилници предводена од лидерот на чаирскиот огранок на ДУИ покажа елементарна нецивилизираност. Затоа што осумина чаирчани влегоа во просториите каде се навигираат авиони (патнички, но по потреба и воени воздухоплови) и физички нападнаа еден или неколку контролори на летање за време на нивната работа во смена. На прес конференцијата утредента главниот извршен директор во заминување од таа компанија упадот и физичката пресметка ја опиша како „мало кошкање“. Четири дена потоа директорот доби шут-карта од Владата.
Сега со именувањето на Едмонд Калиќи како член на Надзорниот одбор на М-НАВ и правно формално се отвара простор за смена на двајца од тројцата директори во оваа државна компанија, која две недели е топ тема во македонската јавност.
Владата на редовната седница минатата седмица најави дека ќе бидат сменети двајца од тројцата директори во таа компанија.
Калиќи доаѓа во надзорниот одбор на местото на Хавзи Емини. Во надзорниот одбор контролорот ќе членува заедно со Кристијан Михајловски кој воедно е и претседател на ова тело, а тука е и Димитар Џеков.
Оваа информација е објавена вчера на веб страницата на Македонската берза и во целост е достапна на следниот линк
Р.Ф.