„Нападнат“ Изборниот законик - поднесени шест илјади амандмани
Поднесени се 6.000 амандмани за измени на изборниот законик, информираше претседателот на собраниската Комисија за политички систем, Александар Кирацоски. Ова следуваше откако пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ реагираше зошто на денешната седница не е ставена оваа точка на разгледување.
Вчера на пленарна седница пак беше дадено зелено светло оваа точка да се разгледува во матичните комисии.
Амандманите се поднесени од 15 пратеници од помалите партии кои предлагаат една изборна единица и отворени листи.
На денешната седница се предложени два предлог закони за измени и дополнувања на Изборниот законик. Првиот предвидува измена на изборниот модел од шест во една изборна единица, со 120 избрани пратеници а вториот предлог-закон, пак, се однесува на локалните избори и воведување отворени листи за избор на советници. Во вториот предлог исто така се предвидува замена на родовата квота од 40 отсто, со наизменичен еднаков број мажи и жени на листите за парламентарни и за локални избори.
