„НАПАД ВРЗ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ИНФРАСТРУКТУРА И ИМОТОТ НА ДРЖАВАТА И ГРАЃАНИТЕ“: кражба во подстаницата во Драчево - штета од 5 милиони евра
Во електровлечната подстаница Драчево, лоцирана помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери, при што е предизвикано целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, соопштуваат од Јавното претпријатие Македонски Железници Инфраструктура.
- При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.
Од подстаницата се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и практично сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање. Со ваквото противправно дејствие, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност - нагласуваат во соопштението.

Според првичната проценка, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра.
- Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните.
Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај.
Апелираме до надлежните институции случајот да биде темелно и итно истражен, сторителите и сите лица вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдените материјали да бидат идентификувани и да понесат соодветна одговорност - се посочува во соопштението на ЈП МЖ Инфраструктура.
