„Честитики за направениот напор, но јас, како што истакнав и претходно, не се согласувам да се занимаваме со прашањата на дивоградбите. Тоа ми изгледа како Стоунси да изведуваат турбофолк. Секое прашање во државава е поврзано со европските политики и вредности. И трамвајот во Скопје, и одгледувањето марихуана, и изградбата на автопатиштата, и висината на пензиите или на социјалната заштита и дигиталните учебници... апсурдно е за Советот да се занимава со такви теми. Дали дивоградбата влегува во деоменот на МНР? Ние треба да се занимаваме со теми кои се во делокруг на МНР. Во спротивно се инклинира кон политичка партија“, напиша Ружин во својата реакција.
Нано Ружин: Амбасадори не треба да се занимаваат со дивоградби
Поранешниот дипломат Нано Ружин му порача на СОветот на амбасадори да не се занимава со дивоградби, откако ова здружение ѝ порача на Владата доколку подготвува нов закон за легализација на дивоградбите, истиот да биде според принципите и барањата на ЕУ.
Советот на амбасадори ја повика Владата доколку планира повторно да го поднесе во Собранието Законот за легализација на дивоградби да ги има предвид укажувањата на стручната јавност и да ги исфрли одредбите против кои се изјасни јавноста, затоа што земјата ќе има проблеми во евроинтеграциите. Советот особено укажува на проблемите со заштитените региони од УНЕСКО, националните паркови и други места со природни реткоски.
„Без оглед што тоа е материја од внатрешно правен домен секако дека има сериозно отсликување во Европската Унија од аспект на недоволната борба на земјава против дивеењето на урбаната мафија околу Охридското Езеро, во градот под зашита на УНЕСКО, во Националните паркови и другите региони со природна убавина од непроценлива вредност, но секако и во многу градови низ Македонија каде што се работи за градби кои не се во согласност со соодветните урбани планови", алармира Извршниот одбор на здружението Совет на амбасадори.
