Намирување на хипотекарните доверители – ефикасност и проблеми
Реализацијата на договорот за залог-хипотека како последна алатка за наплата на побарувањето зависи најмногу од предметот на залог, односно дали истиот е подобен за реализација, односно дали постојат правни пречки врз основа на кои реализацијата би се довела во прашање.
пишува Димитар Ѓоршевски, Стопанска Банка Битола
Хипотеката како средство за обезбедување, датира од римското право, претставува заложно право врз недвижен имот, кое настанува со уписот на јавните книги.
Оттука, предмет на хипотеката, е заложното право врз недвижна ствар(res immobilizes), односно онаа ствар која не може да се премести од едно место на друго, без притоа да се измени нејзината суштина и нејзината вредност. Истата се однесува на целата ствар и нејзините составни делови. Заложното право е од големо значење за несметано функционирање на правниот систем во целина и на стопанските текови со што оваа материја зазема значаен дел од правото. Договорните страни со договорот за залог ги уредуваат меѓусебните права и обврски кои се должни да ги почитуваат и исполнуваат. При склучувањето на договорот, договорните страни тргнуваат од максимата „договорот претставува закон за странките“ (pacta sunt servanda) и секоја од страните тргнувајќи од ова правило треба да ги исполни обврските од договорот. И покрај ваквиот концепт на склучување на договорите, кај доверителите секогаш постои ризикот дали должникот ќе ја исполни својата обврска. Во моментот на доспевање на обврските, за доверителот станува клучно почитувањето на договорните обврски од страна на должникот, неговата солвентност, состојбата на имотот кој го поседува, степенот на евентуална задолженост и слично. Од таа причина, уште во моментот на склучувањето на договорот, потполно оправдано се поставува прашањето дали доверителот, во случај должникот да не ги исполни доброволно доспеаните обврски, ќе може да го наплати своето побарување. Должникот за својата обврска му одговара на доверителот со целокупниот свој имот кој е ставен во залог, поточно со вредноста на се она што се наоѓа во состав на неговиот имот во моментот на доспевање на обврските. Во случаите на неможност за наплата на побарувањето по пат на комуникација и следење на должниците , доверителите, односно банките продолжуваат со постапка на активирање на обезбедувањето во процесот на наплата на долгот и истата резултира со превземање на имот за кои исто така се предвидени посебни услови за продажба согласно Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања на Народна банка на Република Македонија. Реализацијата на договорот за залог-хипотека како последна алатка за наплата на побарувањето зависи најмногу од предметот на залог, односно дали истиот е подобен за реализација, односно дали постојат правни пречки врз основа на кои реализацијата би се довела во прашање. Доколку правниот статус на предметот на залог-хипотека е со некакви правни недостатоци , доверителите се доведуваат до ситуација на неможноста за реазлицаија на истите и големи потешкотии на наплата на своите побарувања. Поради поефикасно реализирање на хипотеките потребно е доверителите при склучување на договор за залог големо внимание да стават на анализаирање на правниот основ за склучување на договорот за хипотеката. Доколку предметот на залог-хипотека подобро се анализира во моментот на склучување на договорот , доверителите брзо и ефикасно би го наплатиле своето побарување согласно начелото на ефикасност. Со оглед на тоа што договорот за залог-хипотека најголема употреба има во банкарскиот сектор , банките како најголеми доверители се оние кои треба да стават најголем акцент на засновањето на истите со што би го намалиле ризикот од неможноста за наплата на своите побарувања.
Слично
