Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАМЕСТО ВО БУРИЊА, ЛИНДАН СЕ ИСПУШТАЛ ДИРЕКТНО ВО ЗЕМЈА, ќе се испитува загадувањето на почвата кај Пеленица

НАМЕСТО ВО БУРИЊА, ЛИНДАН СЕ ИСПУШТАЛ ДИРЕКТНО ВО ЗЕМЈА, ќе се испитува загадувањето на почвата кај Пеленица

Министерството за животна средина и просторно планирање со три милиони денари ќе истражува дали и колку се контаминирани почвата и подземните води на местото Пеленица. Причината е што има податоци кои велат дека компанијата ОХИС во 1976 година депонирала одредена количина на HCH- отпад, кој според официјални документи бил спакуван во метални буриња, депонирани во две јами на локалитетот, обележани со бетонски ѕидови. Сепак, анализите покажале дека линданот, не бил складиран во буриња, туку само бил исфрлен во јамите, кои потоа биле затрупани со земја.

Резултати од истражувањето, според информациите од Министерството за животна средина и просторно планирање ќе бидат готови до крајот на годината, но според информациите од луѓето на терен, мерењата со ХРФ анализатор, кој приближно ги покажува вредностите на хемискиот состав на почвата, забележано е присуство на хексахлороциклохексан.

Целта на истражувањето, е да се направи проценка на обемот и степенот на контаминација, да се предложат опции за ремедијација на локацијата и да се проценат трошоците за предложените опции за ремедијација.

- Врз основа на планот за истражување, се копаат контролни сонди, ќе се инсталираат бушотини, се поставија два мониторинг бунари за мониторирање на подземните води, уште еден е во фаза на поставување, ќе се земат примероци, ќе се анализираат примероците и како краен заклучок ќе се направат пресметки за обемот и степенот на радијација, ќе се предложат мерки за ремедијација и ќе се дадат пресметки, односно проценки за потребните средства за сите тие опциии за ремедијација - објаснува Александар Мицковски, од Канцеларијата на POPs, при МЖСПП.

Според информациите добиени од лица кои работеле во ОХИС или живеат во околината на Пеленица, на местото се закопани околу 8.000 тони линдан.

- Предмет на истражувањето е обемот и степенот на контаминација како вертикална, така и хоризонтална. Да се одредат површините, волуменот, тежината и според тоа и опциите за ремедијација ќе бидат предложени. Во иднина би се правело анализа на ризикот, ќе се земат примероци на поголема оддалеченост од овде да се види дали има депонорано од прашината и на тие локации, меѓутоа во тој контекст земавме и направивме и два бунари за мониторинг на подземни води, малку подоле од локацијата, да се види дали подземните води се афектирани од оваа контаминација, а со оглед на конфигурацијата на теренот која што наведува дека движењето на подземните води е во таа насока - појасни Мицковски.

Тој нагласи дека во примероците од почвата чии вредности се измерени со ХРФ анализаторот се забележува голема концентрација на хлор. Исто така додава дека дека се уште не се испратени примероци на анализа. 

- Кога ќе се испратат во лабараторијата,таа ќе каже дефинитивно, нели во поглед на концентрацијата, и како прелиминарна мерка да ни даде насоки како да постапиме понатаму. ХРФ анализаторот, кој што го мери присуството на елементите во почвата, покажа дека во неколку контролни сонди концентрацијата на хлор е многу голема, што укажува на тоа дека станува збор за хексахлороциклохексан кој е депониран тука - истакна Мицковски.

Тој наведе дека се направени околу 20 контролни сонди и ќе се направат четири бушотини, а откако ќе се добијат резултатите од истражувањето, односно степенот на контаминација, како и предлозите и пресметките за чистење на локацијата, треба да се обезбедат средства за ремедијација.

- До крајот на годината ќе ги имаме резултатите ќе ги имаме сите пресметки и сите предлози како да се постапи понатаму со проценети трошоци и потоа следува обезбедувањето на средства за чистење на локацијата. Обезбедувањето на средства не е толку брза и наивна работа, потребно е да се подготвни документација, проект, да се најдат донатори, така да тоа е слично како и чистењето сега што го спроведуваме кај депониите во ОХИС - нагласи Мицковски.

И покрај тоа што со години здруженијата кои се занимаваат со заштита на животната средина, како и граѓаните кои живеат во околината на ОХИС, апелираат за опасноста од затрупаниот линдан, беа потребни години за државата да преземе чекори со цел истиот да биде отстранет. МЖСПП во моментов ја чисти малата депонија во ОХИС, а сега се спроведува истражување за загаденоста на Пеленица. Потребни се уште многу средства за целосно да биде исчистен линданот и да се направи ремедијација на околината.

Слично

Поврзани вести