Економија, финансии, бизнис

Контакт

„НАМЕСТО ТВОЈА, МАКЕДОНИЈА ИЗГОРЕ“: остри реакции од опозицијата по денешниот пожар во Трубарево

„НАМЕСТО ТВОЈА, МАКЕДОНИЈА ИЗГОРЕ“: остри реакции од опозицијата по денешниот пожар во Трубарево

Остри реакции од опозициските партии пристигнуваат попладнево по избувнувањето на пожар во фабрика за рециклирање на отпадни батерии „Ф-Групација“ во Трубарево. 

Пратеникот и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, остро реагираше на социјалните мрежи за огромниот пожар што избувна во фабриката за електронски отпад во Трубарево и предизвика вознемиреност кај скопјани. Мециновиќ прстот го впери кон лицемерието на властите и стручните кругови кои со години ја префрлаат вината за загадувањето врз сиромашните.

- Море политичари, стручњаци и сите останати на платен список, кои со години трубат дека сиромашните се проблем за загадувањето – те се грееле на ќумбиња, те возеле стари автомобили – да одите сега во Трубарево да видите како тоа изгледа кога гори електронски отпад во близина на градинка - пишува Мециновиќ.

Тој додава дека институциите немаат никаква системска регулација и инспекциски надзор. 

- Затоа од време на време ни се случуваат вакви еколошки катастрофи - вели Мециновиќ и додава дека лицемерието на власта и бизнис елитата оди дотаму што додека преку цела година индустриските загадувачи палат текстил и пластика во печките од една страна ги обвинуваат домаќинствата за загадување од друга страна.

- Колку богатство може да ве насити? - ги праша Мециновиќ политичарите и тајкуните.

Посебна благодарност упати до пожарникарите кои, и покрај лошите услови и недостатокот на опрема, повторно се справија со огнената стихија. 

- Нека им е со лесно на хероите пожарникари – само они знаат како им е - нагласи тој, додавајќи дека итно треба да им се обезбеди соодветна опрема и поддршка, а од властите се очекува да дадат експедитивен одговор и да превземат конкретни мерки за да се спречат идни слични катастрофи.


Претходно реагираше и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче кој порача дека состојбата апсолутно излегува од контрола, поради серијата пожари кои ја потресуваат државата и главниот град.

Во изминатите денови, Македонија се соочува со еколошка и безбедносна катастрофа.

- За неколку дена изгореа две фабрики, две недели власта не може да ги изгасне депониите Дрисла и Вардариште - предупреди Филипче, нагласувајќи дека главниот град дише канцерогени материи, а институциите се потполно нефункционални.

- Скопјани се трујат во канцерогени материи - истакна тој, по новиот пожар во фабриката за акумулатори во Трубарево. Филипче потенцира дека не се работи за изолирани инциденти, туку за опасен системски хаос.

- Државата наместо горда, стана држава во хаос. Наместо твоја, Македонија изгоре - напиша Филипче, алудирајќи на несоодветниот одговор на власта и институционалната парализа која ја остава јавноста незаштитена и изложена.

На крајот, Филипче алармира: „Македонија веќе е опасно место за живеење.“



Фото: Принтскрин/Фејсбук

Слично

Поврзани вести