„Наместо светлина и безбедност, Чаир беше оставен во темница – буквално и метафорично“: Османи ветува подобра грижа
Цели делови од улиците, парковите и јавните простори се оставени во мрак. Од Бит-пазар и ул. Џон Кенеди, преку Топанско Поле, Стара Чаршија и Серава, нашите граѓани секоја вечер се движат низ небезбедни улици, во атмосфера на страв и несигурност.
Ова го посочи Бујар Османи, кандидат на ДУИ за градоначалник на општина Чаир кој потенцираше дека јавното осветлување е еден од најважните предуслови за достоинствен живот и безбедност на граѓаните, но состојбата во Општина Чаир е алармантна, укажа тој.
Потоа нагласи дека проблемот не е само технички, туку длабоко симболичен.
- Ова е симбол на негрижата и неспособноста на општинската власт во последните дваесет години. Наместо светлина и безбедност, Чаир беше оставен во темница – буквално и метафорично - рече Османи.
Потоа дополни дека повеќе од 40 отсто од постоечките светилки не работат, дека системот се потпира на застарена технологија од пред две децении и дека јавните набавки биле спроведувани без визија и транспарентност.
- Училиштата, игралиштата и јавните собиралишта остануваат во сенка, а тоа ја загрозува безбедноста на децата, жените и постарите лица - потенцираше тој.
Во своето обраќање, Османи ја претстави и својата програма за промена.
- Како иден градоначалник на Чаир, ќе започнам со целосна замена на застарената инфраструктура и премин кон современо LED осветлување, со што ќе ги намалиме трошоците за струја за над 60 отсто.
Ќе обезбедиме покриеност на сите јавни простори, приоритет ќе бидат училишните дворови, игралиштата, пазариштата, парковите и пешачките премини. Ќе воведеме модерен систем за далечинско управување и брза детекција на дефекти. Сите набавки и трошоци ќе бидат јавно достапни, а граѓаните ќе можат да пријавуваат проблеми преку мобилна апликација и телефонска линија, со гаранција дека ќе се реагира во рок од 48 часа - најави тој.
Потоа потенцираше дека со неговата програма, Чаир конечно ќе блесне.
- Ќе изградиме систем кој не е само осветлување, туку симбол на нов почеток, на безбедност и доверба. Време е да го извадиме Чаир од мракот и да му дадеме светла иднина - порача Османи.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
