„НАМЕСТО НОВИ ЛИЦА, СТАРА БАНДА“. Реакција на СДСМ на изборот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската СДСМ обвини дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, ги отстранил сите потпретседатели во партијата со цел, како што велат, да воспостави апсолутна контрола врз ВМРО-ДПМНЕ и врз државата.
„Христијан Мицкоски ги отстрани сите потпретседатели во ВМРО, по примерот на Вучиќ, за апсолутно да владее со партијата, како што сака да владее и со Македонија“, се наведува во соопштението на СДСМ, кое МИА го објави во целост.
Од СДСМ тврдат дека на клучни позиции се поставени негови блиски соработници, меѓу кои и новиот организациски секретар.
„Томовски е поставен за организациски секретар со цел да ги ‘организира’, односно контролира тендерите. Како оние 161 тендер за семејната фирма на Томовски“, се наведува во реакцијата.
Во соопштението се споменува и Драган Ковачки, за кого СДСМ тврди дека е поврзан со поранешни структури во безбедносните служби.
„Тука е и човекот на Сашо Мијалков од службите – Драган Ковачки. Човекот кого НАТО го одби, кој не исполнува услови за безбедносен сертификат, сега е првиот човек за Мицкоски во партијата“, наведуваат од СДСМ.
Според опозицијата, ваквите кадровски решенија значат враќање на старите практики.
„ВМРО се враќа во времето кога службите беа главни во партијата додека се спроведуваше грабежот на државата“, стои во соопштението.
СДСМ посочува и дека близок соработник на Мицкоски во Владата е вицепремиерот Стоилковиќ.
„Негов најблизок соработник во Владата е Стоилковиќ, човек со години во служба на БИА и во интерес на руските служби, кој слави со ‘Ноќните волци’ и странски анти-ЕУ пропагандисти“, се вели во реакцијата.
Од партијата тврдат дека Мицкоски воспоставува контрола и врз институциите.
„Медиумите се под целосна контрола преку Орбан, со преземање на телекомуникациите и енергетиката. Го презеде МВР, Обвинителството и судовите“, обвинува СДСМ.
Во соопштението се наведува дека најавената реконструкција на Владата ќе биде искористена за дополнително зацврстување на власта.
„Уздите ги стави во свои раце и продолжува со ограбувањето на државата во својот најтесен круг. Буџетот одамна е во канџите, а може да започне и забрзување на процесот на целосна изолација од Европската Унија“, се наведува во реакцијата.
СДСМ заклучува дека, наместо вистински реформи и нови лица, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите кадровски решенија.
„Тоа се ‘реформите’ во ВМРО – наместо нови лица, стара банда“, стои во соопштението.
