Наместо „метла“, Заев зема одмор
Премиерот Зоран Заев нема да „мете“ функционери и други кадри барем во наредните четири дена, бидејќи за време на тој период ќе биде на одмор, објави владината прес служба.
Мини-одморот на шефот на Владата доаѓа по претседателските избори кои за одржаа на 5 мај а по нив беше најавено дека ќе има „чистка“, односно кадрови промени во државниот врв, но и во пониските шалони, администрацијата, локалната самоуправа и самиот СДСМ. Во меѓувреме Заев ќе го пречека Папата Франциск во Скопје на 7 мај, беше во Сараево на Самитот на ЕБРД, се одржа владина седница и се одбележа Денот на Европа - 9 мај.
„Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија информира дека премиерот Зоран Заев во периодот од 10 до 14 мај ќе користи дел од своите слободни денови, заради приватни причини.
Канцеларијата на претседателот на Владата ќе функционира непречено во периодот на приватното отсуство на премиерот“, се вели во денешното соопштение.
