НАМЕСТО ДА ОТВОРИМЕ ПОЛИТИЧКИ ФРОНТ КОН ВЛАСТА, НИЕ КОПАМЕ РОВОВИ МЕЃУ СЕБЕ: Деспотовски за СДСМ
Членот на СДСМ, Јован Деспотовски, остро реагираше на, како што ги нарече, обвинувањата за негова наводна соработка со политичкиот опонент, оценувајќи дека станува збор за „срам“ кој ѝ се нанесува на партијата од поединци што моментално ја водат.
– Ова што ѝ се случува на СДСМ е срам кој го прават поединци. Кои се аргументите и доказите за мојата наводна соработка со политичкиот опонент? Тоа е навистина небулозно и нема да го оставам така. Нема да дозволам ваков срам да ѝ се случува на мојата матична партија. Ова не е СДСМ, ова не е мојата, ниту нашата партија – ова е атак од поединци што во моментов управуваат со неа – изјави Деспотовски.
Тој нагласи дека ваквиот начин на функционирање дополнително ги продлабочува внатрепартиските поделби и оневозможува обединување, додавајќи дека и по повеќе од една година, состојбите во партијата сè уште не се стабилизирани.
– Наместо да отвориме политички фронт кон власта, ние копаме ровови меѓу себе. Така не се обединуваме. Ќе почекам да ги видам доказите, а доколку тие не постојат, ќе побарам одговорност за јавно изнесените зборови, за валкање на мојот образ и нанесување штета на партијата – истакна Деспотовски.
Тој додаде дека партијата не може кредибилно да зборува за случувањата во општеството, доколку не успее да ги реши сопствените внатрешни проблеми.
– По година и пол, сè уште не можеме да кажеме дека нашиот дом е среден. Такви се реакциите и на јавноста и на нашето членство – рече Деспотовски.
