„Наместо да ги замрзне цените, Мицкоски ги замрзна платите“: СДСМ бара мерки за заштита на животниот стандард
Економските политики на оваа Влада ја носат државата кон сиромаштија додека стандардот на граѓаните почнува забрзано да се влошува. Цените во Македонија неконтролирано продолжуваат да растат, основните производи за прехрана Владата не ги контролира и животот станува се поскап.
Ова го истакнаа денеска од опозициската СДСМ, кои на пресконференција посочуваат дека за разлика од нив, кои носеле мерки, сегашните владини функционери воопшто не се грижеле за граѓаните и за нивниот стандард.
- За еден месец, за 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на граѓаните во август во споредба со јули. Граѓаните се жалат на се поскапиот живот, а Мицкоски само „апелира“ до бизнисмените да ги намалат цените.
Кога беа во опозицијата беа гласни и ги критикуваа мерките на СДСМ со кои го штитевме стандардот на граѓаните, ги намалувавме цените и се боревме секојдневно со инфлацијата. Денес, во удобните фотелји во Владата мува не ги лази и целосно заборавија на народот - кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска од седиштето на партијата.
Таа дополни дека „додека потрошувачката кошничка расте, власта на Мицкоски ги скрати парите со ребалансот и владата не дава пари за поголема минимална плата“.
Исто така истакна дека не се даваат пари ниту за зголемување на платите во образованието, но и во сите други сектори.
- Работниците се маргинализирани и заборавени, соочени со високи цени и замрзнати плати. Наместо да ги замрзне цените, Мицкоски ги замрзна платите.
Владите во регионот спроведуваат низа на мерки за да им помогнат на граѓаните. Владата на Србија спроведува акција „Подобри цени“ со поефтинување на над 700 производи. Црногорската владата исто така презема марки, ги ограничи маржите во трговијата на големо и мало за повеќе прехранбени и хигиенски производи. Нашите граѓани веќе одат за Врање да купуваат храна, а дома може да купат само моливи и тетратки по поевтина цена, мерка која е крајно задоцнета - напомена Кузеска
Таа исто така посочи дека бараат од Владата на Мицкоски да ги напушти погрешните економските политики и итно да изготви сет на мерки.
- Итно да ја ревидира сопствената економска политика која забрзано ги носи граѓаните кон сиромаштија. Владата на СДСМ во изминатиот период реализираше голем број мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и обезбедуваше пари кои значително им помогнаа на граѓаните.
Ако не ги прекине овие погрешни политики ДПМНЕ ќе доведе до сиромаштија, влошување на животниот стандард на граѓаните и зголемување на социјалните разлики - нагласи Кузеска.
