Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАМЕСТО 2 ДЕНАРИ, ДА СЕ ИСПЛАЌААТ 3 ДЕНАРИ ЗА ПРЕДАДЕНО ГРОЗЈЕ – еве го предлогот за измени на Законот за вино

НАМЕСТО 2 ДЕНАРИ, ДА СЕ ИСПЛАЌААТ 3 ДЕНАРИ ЗА ПРЕДАДЕНО ГРОЗЈЕ – еве го предлогот за измени на Законот за вино

Предлогот на опозициска СДСМ за поддршка на винопроизводителите во форма на измена на законот за Вино е веќе во Собранието. Како што најави лидерот на пратијата, се предлагаат измени на законот, во кој е посочено дека во постоечкиот закон е уредено дека има можност за намалување од 8 отсто на откупната цена на винското грозје кога се исплаќа во рок од 7 дена по откупот на грозјето. Поради ова, од СДСМ велат дека се ставаат во незгодна позиција винопроизводителите.

-  Ваквата одредба остава можност за злоупотреба од страна на откупувачите и наместо избор на двете страни во последните две години од страна на откупувачите на винско грозје се применува како задолжителна обврска за производителите на грозје да го прифатат таквиот начин на исплата на продаденото грозје и со тоа да им биде намалена откупната цена за речиси 2 денари за килограм – потенцираат од СДСМ.

Додаваат дека поради ваквата состојба со тековниот откуп на винското грозје, а со цел државата да ја исполни обврската секој килограм откупено винско грозје да ја постигне производната цена зголемена за 25 проценти се наметнува потреба за уредување на затекнатата состојба со откупот на винско грозје.

-  На производителите на грозје кои предале винско грозје кај регистриран прозиводител на вино во регистарот на производители на вино во периодот од 01 август 2025 година до 30 ноември 2025 година ќе им се додели финансиска поддршка во висина од 3 денари по килограм предадено винско грозје – се наведува во предлог документот.

Предлагаат исплатата на финансиската поддршка да ја врши Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој од средства обезбедени согласно Буџетот. Притоа, Државниот инспекторат за земјоделство на секој 3 дена до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој треба да доставува податоци за предадени количини на винско грозје кај регистриран производител на вино во регистарот на производители на вино во претходните два дена.

-  Во прилог на податоците за предадени количини на винско грозје кај регистриран производител на вино во регистарот на производители на вино, Државниот инспекторат за земјоделство доставува и податоци за производителите на грозје кои предале винско грозје обезбедени со инспекциски надзор кај производителите на вино каде е предадено винското грозје. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во рок од 5 дена од денот на приемот на податоците се врши исплата на финасиската поддршка на трансакциска сметка на производителотна грозје на која му е исплатена финансиска поддршка согласно Програмата за финансиска подршка во земјоделството за 2024 година – се посочува во законот.

Воедно предвидува доколку производителот на грозје не бил корисник на финансиска поддршка Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој финансиската поддршка да ја исплати по обезбедување на податоци за трансакциската сметка на производителот на грозје.

Неодамна и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, посочи дека се поднесени иземни на Законот за вино, со цел да се обезбеди вистинска и правична финансиска поддршка за лозарите.

-  По серијата средби со лозарите во Скопје, Кавадарци и Неготино, се наметна потребата за итна измена на законот. Предлагаме дополнителна субвенција од три денари по килограм предадено грозје за сите лозари што ќе го предадат грозјето кај регистрираните винари до 1 август 2025 година. Наместо реална и законска цена, лозарите добија зголемување на основната цена од само половина денар. Тоа не е ниту соодветно, ниту правично. Во 2023 година лозарите добиваа и до два денари дополнителна субвенција, што значи дека оваа година реално имаат загуба од еден и пол денар по килограм – кажа Филипче.

Притоа уште тогаш посочи дека предлагаат укинување на одредбата која овозможува винариите да ја намалат цената за 8 отсто ако лозарите сакаат брза исплата, што е пракса која се користи за уцена и манипулација со трудот на производителите.

- Ќе ставиме крај на манипулациите со трудот на луѓето. Не смее државата да дозволи 11.000 семејства кои живеат од лозарство да бидат повторно понижени. Владата има пари, има и механизми, само треба волја - изјави Филипче.

П.О.

Слично

Поврзани вести