НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА ПАТАРИНИТЕ ЗА 50 ПРОЦЕНТИ: Левица со нов предлог со кој треба да се намалат трошоците на граѓаните
Опозиционерските пратеници од редовите на Левица бараат намалување на патарините во земајва. Тие укажуваат дека имаме меѓу највисоките патарини во околината, но и пошироко.
- Македонските граѓани се жртви на државно спонзориран грабеж преку екстремно скапите патарини, кои никако не одговараат на катастрофалниот квалитет на патиштата!
Додека европските земји како Бугарија, Австрија и Швајцарија користат вињета систем што овозможува неограничено движење по прифатлива цена, во Македонија секој изминат километар е дополнителен удар врз џебот на народот! - укажуваат од партијата во соопштението успратено до медиумите.
За подобра споредба, пратениците ги истакнуваат и дел од цените за патарини кај соседите и кај две добро развиени земји во Европа, но и просечните плати во конкретните земји.
- Како стоиме во споредба со Европа? Бугарија: 7 дневна вињетка е 8 евра. Австрија: 10 дневна вињетка е 9,9 евра, Швајцарија: годишна вињетка е 42 евра. Македонија: Табановце – Гевгелија (една насока) е над 6 евра.
Колку тежат овие трошоци во споредба со платите? Швајцарија – просечна плата: 5.500 евра, Австрија – просечна плата: 2.500 евра, Бугарија – просечна плата: 1.000 евра, Македонија – просечна плата: 700 евра - се посочува во соопштението на Левица.
Од таму посочуваат дека „додека еден Австриец за 10 дневна вињетка плаќа 0,4 отсто од својата месечна плата, Македонецот за само една релација издвојува речиси 1 процент од својата плата, и тоа за руинирани автопати!“.
Потоа потенцираат дека од позиција на власт, ќе воведедат вињета систем. Сметајќи дека актуелната власт не е спремна да го прифати тој предлог сега, пратеничката група на Левица во собранието предложи законски измени за:
- Намалување на цените на патарините за 50 проценти и
- Законска регулација на висината и наплатата на патарините.
- Време е владејачкото мнозинство ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ да се одважи во интерес на граѓаните и да го прифати овој предлог!
Доста беше организираниот грабеж – народот плаќа, а не добива ништо! - нагласуваат опозиционерите на крајот од нивното соопштение.
