Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАМАЛЕНИТЕ НАРАЧКИ ГИ „ПОПОЛНИЈА“ СО НОВИ КОМИНТЕНТИ – АД МОДА пак се соочува со кратења, најавуваат и нови отпуштања

НАМАЛЕНИТЕ НАРАЧКИ ГИ „ПОПОЛНИЈА“ СО НОВИ КОМИНТЕНТИ – АД МОДА пак се соочува со кратења, најавуваат и нови отпуштања

Познатата конфекциска компанија АД „МОДА“ Свети Николе минатата година успеа да ја заврши со позитивен финансиски резултат, иако се соочуваат со потешкотии во работењето поради намалените нарачки од главниот партнер од Германија. Благодарени на новите договори со нови коминтенти, годината ја завршија со подобри производствени резултати.

Проблематично останува намалувањето на нарачките од главниот партнер кои веќе најавиле помало производство за оваа година.

-  Во текот на 2025 година АД „МОДА“ оствари производни резултати кои се за 18,6 отсто подобри од минатогодишните, истовремено остварениот девизен прилив од остварениот извоз е за 5,4 проценти подобар од минатогодишниот.

Остварено е производство и извоз на 836.144 конфекциски производи во вредност од 4.074.187 евра. Ваквиот извоз е за 5,4 проценти подобар од минатогодишниот и се темели на зголеменото производство и помалите цени за 11 отсто во однос на минатогодишните – се посочува во извештајот објавен на Македонска берза.  

Воедно во него е посочено дека „ во услови на намалена побарувачка од КАСАМОДА, остварено е производство од 29.734 кошули во вредност од 195.376 евра за останати коминтенти“.

Од компанијата посочуваат дека во 2025 година остварени се 496.080 ефективни работни часови, што е за 3 отсто повеќе од 2024 година.

Компанијата информира дека продуктивноста, изразена преку девизен прилив по работен час, изнесува 8,21 евро и е за 2,4 отсто подобра од минатогодишната.

-  Во текот на 2025 година АД „МОДА“ се бореше со намалена побарувачка од германскиот партнер, кој истовремено е и мнозински сопственик на друштвото. Во вакви отежнати услови отпушени се 26 работника по опснов на технолошки вишок и да не се доведеме до понатамошно намалување на капацитетите се бараа налози од други партнери кои исто така беа наменети за извоз - се прецизира во извештајот.

Сепак, од компанијата известуваат дека иако имале позитивна година, ризици и понатаму има.

-  За жал ваквиот негативен тренд продолжува и во 2026 година и од месец април сме соочени со пад на нарачките од КАСАМОДА од 2.500 парчиња на 2.000 парчиња дневно. Оваа состојба неминовно ќе доведе до отпуштање на работници по основ на технолошки вишок и намалување на капацитетите за производство. Истовремено ќе предизвика додатни трошоци за исплата на отпремнини што негативно ќе влијае врз финанискиот резултат во 2026 година – се укажува во објавата.

И покрај проблемите со кои се соочува компанијата минатата година успеала да оствари добивка од 3,9 милиони денари. Приходите од работењето се зголемени за 4 отсто, додека расходите за 0,9 проценти. Најголем раст кај расходите има кај трошоците за вработените кои се поголеми за 3,3 проценти, додека останатите трошоци бележат намалување.

П.О.

Слично

Поврзани вести