Наќе Чулев: Не ми е јасно како Рашковски набавувал софтвер, а МВР да не знае
Наќе Чулев, поранешниот технички министер за внатрешни работи, на Фејсбук објави дека незнаел ништо за тоа дека додека течел неговиот мандат, тогашниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, набавувал софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци.
„Во периодот додека ја извршував функцијата министер за внатрешни работи во ниту еден момент не бев информиран дека Генералниот секретеријат на Владата извршил набавка на софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, ниту пак е побарано од МВР спецификација за набавка на ваков софтвер, проблематика која е единствено во делокругот на надлежности на МВР, а не на други институции. Никаков софтвер не е примен во МВР во периодот додека бев министер. Уште повеќе, никогаш на Влада или на било каква владина работна група не е дискутирано или имало било каква координација за законски промени со цел примена на наведениот софтвер. Ниту тогашниот премиер, ниту генералниот секретар или било кој друг не ме информирале дека ваков софтвер е набавен“, тврди Чулев.
Актуелниот секретар во кабинетот на премиерот Зоран Заев набавката ја склучил со странска фирма додека во МВР се случува надградба на системот за мониторинг на град Скопје “Сејф сити”. „360 Степени“ објави дека набавките на Рашковски никогаш не можеле да бидат инкорпорирани во системот на МВР. За ова има најава дека како случај ќе биде разгледан и од Државната комисија за спречување на корупција. Софтверот вредел околу 80.000 евра, бил набавен, но осум месеци не е пуштен во функција.
„Не ми е јасно зошто Генералниот секретеријат спровел набавка на вакво софтверско решение, со оглед дека Министерството за внатрешни работи, раководено од тогашниот министер, Оливер Спасовски, во истиот период спроведува постапка за набавка на хардверско и софтверско надградување на проектот "Безбеден град", кое вклучува и софтвер за сообраќајни прекршоци, посебно ако се има предвид дека производителот и одржувач на "Безбеден град" со кој МВР има склучен договор, не дозволува инкорпорирање на надворешни софтверски решенија“, тврди Чулев.
Слично
