Наќе Чулев: Директорот на Еурокомпозит за 1.725.000 евра купувал 15.000 шлемови од Гана
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска во Прилеп објави дека кривичната пријава e поднесена против раководството на Еурокомпозит од Прилеп, претпријатие-загубар кое е во државна сопственост, за злоупотреба на службената положба и овластување од страна на директорот Златко Гроароски и неговиот стручен соработник Васил Коцев.
Тие со намера да извлечат пери од сметката на фирмата без консултација со службите во правното лице и одборот на директорот пристапиле кон наводна реализација на договор во вредност од 1.725.000 евра за испорака на 15.000 рударски шлемови за фирма во Гана и по цена повеќекратно повисока од реалната.
„Конкретниот договор за извршување на услугите не е евидентиран во архивата на претпријатието и целосната коресподенција се одвивала преку приватната електронска пошта на одговорните лица во претпријатието. МВР изврши разговори со овластени лица, а раководството ова го направило без известување на одборот на директори и стручните служби. Се работи за цена неколку пати повисока од реалната цена, за која никој не бил информиран, а кореспонденцијата се одвивала преку приватни мејлови“, рече техничкиот министер.
Според Чулев, не се знае каков бонитет има фирмата од Гана, трансферот се извршил преку Money Gram, a посредувал физичко лице. Тој вели дека за тоа му биле платени и 34.500 евра на адвокат во Гана иако не постоела реализација на договорот
- Со тоа направиле штета на буџетот на државата и на претпријатието. Ваков договор не е заведен никаде во архивата на Еурокомпозит, додаде Чулев.
