Економија, финансии, бизнис

Контакт

„НАЈВУЛГАРНА ПОДЕЛБА НА ИЗБОРНИОТ ПЛЕН МЕЃУ КУРТО И МУРТО“: професорот Трајковски со остра реакција „граѓаните гласаа за промена“

„НАЈВУЛГАРНА ПОДЕЛБА НА ИЗБОРНИОТ ПЛЕН МЕЃУ КУРТО И МУРТО“: професорот Трајковски со остра реакција „граѓаните гласаа за промена“

Зачестија реакциите во јавноста и кај граѓаните за се поголемите „сигнали“ за корумпираност меѓу редовите на новите владини избраници. 

Овој пат бурна реакција пристигна од професорот од Битолскиот факултет, Дејан Трајковски, кој направи посебен осврт на информациите за „богати поклони“ меѓу новите лица на високи позиции, и притоа го истакнуваа значењето на „еднаква примена на законите“. 

Имено, Трајковски, по информацијата дека генералниот секретар на Владата Игор Јанушев во 2023 година по основ на договор за подарок се стекнал со градежно изградено земјиште од 165 метри квадратни со вредноста од 20 милиони денари, или 325 илјади евра, алармира дека ваквата информација треба да е поттик за големи пресврти, реакции од антикорупционерите, реакции од банките, од нотари, но и од самиот премиер и од коалиционите пратнери. 

- Во една правна држава, кај антикорупционерите од ДКСК, но и кај премиерот ова веднаш би требало да активира аларм ("red flag"), односно црвено знаменце за потенцијална корупција и да активира AML (anti money laundering) процедури, односно процедури против перење пари.

Познато е дека во банките, но и кај нотарите, постојат многу строги, меѓународно наметнати AML процедури за испитување на потеклото на внесена готовина во износ од над 15 илјади евра. Имено, доколку вложиме над 15.000 евра готовина на својата банкарска сметка, веднаш се активира AML процедура за испитување на потеклото на готовината.

Во случајот со земјиштето нема готовинска трансакција, но има имотна трансакција, па нотарот бил должен да започне AML процедура при запишување на промената на сопственоста во катастар по основ на висок износ од цели 325 илјади евра. Тука не смее да постои апсолутно никаква разлика во третманот во однос на готовинските трансакции. За 325.000 евра веќе требало да работи и финансиската полиција и Јавното обвинителство - укажува професор Трајковски. 

Тој истакнува дека „изјавата дека имотот бил стекнат со подарок, доколку подарокот не бил наследство од родителите, не е доволна и надлежните служби веднаш морале да започнат постапка за испитување на потекло на имотот на наводниот „дародавач“. Доколку бил бизнисмен, требало да му извршат „чешлање“, односно ревизија на целокупното работење во изминатите 5 години, бидејќи се работи за навистина сериозна сума“, потенцира професорот. 

- Од своја страна, премиерот веднаш морал да го суспендира генералниот секретар се до расчистувањето на случајот, за да не остави место за сомнеж дека тој одобрува сомнително и многу веројатно коруптивно однесување. За ова не е доцна и сега и треба да го направи веднаш.

Симптоматично е што сегашниот секретар на Владата минатата година бил осуден на две години затвор заради корупција со набавката на кинеските автобуси, но благодарение на декриминализацијата на кривичните дела поврзани со злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од КЗ) казната му била укината. Сега станува јасно и зошто пратеницие на ВМРО-ДПМНЕ, со правењето кворум во парламентот при изгласувањето на овие криминални измени им помогнале во декриминализацијата на пратениците од СДСМ и ДУИ.

Просто неверојатно е како ниту еден од 120 пратеници не реагирал на најновиот скандал. Доколку премиерот веднаш не реагира, не го суспендира генералниот секретар (слично како Драги Рашковски во минатата Влада), би требало пратениците од коалицијата Вреди (Влен) и движењето ЗНАМ веднаш да ги повлечат своите министри од Владата и да започнат постапка за интерпелација. Во спротивно, би покажале дека нив ги интересира само голата власт, а не доброто на државата - потенцира Трајковски. 

Според него, ова претставува премногу крупен скандал и потребна е решителна реакција, доколку погоре наброените не сакаат да бидат етикетирани како соучесници.

- Граѓаните, вклучувајќи ги членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ исто така треба да извршат притисок за расчистување на случајот. Тие секако не се виновни, бидејќи при гласањето на парламентарните избори не ги поседувале овие информации, но сега откако ги поседуваат, не смеат да поддржуваат коруптивно однесување.

Ова е веќе капката што ја прелева чашата, ако назначувањето лица од централните органи на партиите на министерски, заменик-министерски и директорски позиции, газејќи го мерит-системот, не претставувало доволна провокација.

Да не заборавиме и дека најавеното давање на бизнисот со ветропарковите на странски инвеститори, при што државата би се откажала од сопствени буџетски приходи од производство и продажба на електрична енергија, претставува исто така погазување на принципот за енергетска самоодржливост на земјата, што беше нашироко рекламирана во предизборието.

Тоа што претходната власт правела криминали, не може и не смее да претставува оправдување за непринципиелно однесување, бидејќи граѓаните гласаа за промени, а не за замена на едно зло со друго, односно само за највулгарна поделба на изборниот плен помеѓу Курто и Мурто - заклучува Трајковски. 

Слично

Поврзани вести