Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Најтешки моменти беа од самото раѓање до излегување од инкубатор, кога си одите дома без бебето“: Дефектолог Теа Томовска за предвременото породување

„Најтешки моменти беа од самото раѓање до излегување од инкубатор, кога си одите дома без бебето“: Дефектолог Теа Томовска за предвременото породување

Постојат приказни што не се раскажуваат само со зборови, туку се чувствуваат со секој здив. Приказни за страв, надеж и љубов што не познаваат граници. Ова е токму таква приказна – за една мајка, жена со силно срце и професија што ја учи да им помага на другите, но и со животно искуство што ја научило како да се бори кога и било најтешко.

Уредната бременост на Теа Томовска, дефектолог по професија не навестувала дека нејзиниот пат кон мајчинството ќе започне многу порано од очекуваното. Во 27-та гестациска недела, на свет доаѓа нејзиниот син Петар – мал, кревок, со само 810 грама, но со огромна сила да се бори. Од тој момент, секој ден станува битка, секој преглед – неизвесност, а секое отчукување на неговото срце – најголемата победа.

Ова е приказна за тишината на болничките ходници, за погледите вперени низ стаклото на инкубаторот, за допирите што траат кратко, но значат сè. Приказна за празнината кога си заминуваш дома без бебе во рацете, и за надежта што те држи да продолжиш понатаму. Теа, како мајка и дефектолог, го поминува овој тежок пат со сила што ја имаат само мајките – тивка, но непоколеблива.

Во ова интервју, таа искрено зборува за најтешките 56 дена, за моментите на страв и неизвесност, но и за љубовта што расте дури и кога е ограничена на неколку минути допир. Ова е разговор за болката, но уште повеќе – за издржливоста, за вербата и за малите чуда што го менуваат целиот живот.

Петар сега нешто повеќе од 2,5 годинки и е среќно и весело дете.

ЖМ: Како започна вашата бременост и како би ја опишале во првите месеци – дали беше мирна и очекувана како „вообичаена“ бременост или уште од почеток имаше моменти кои ви внесуваа грижа или неизвесност?

- Бременоста ми беше едно убаво искуство која започна неочекувано и се движеше во рамките на редовни прегледи којшто ги опфаќаа тој период. Во перинаталниот период не постоеа отстапки кои укажуваа дека постојат знаци или пак ризик за предвремено породување. Сè се случи оддеднаш непредвидено и неоткриено. Низ текот на бременоста имав вообичаени движења, физичка активност, без некој посебни ограничувања.

ЖМ: Кога за првпат лекарите спомнаа дека постои можност бебето да се роди порано од очекуваното, што точно ви кажаа и како го доживеавте тој момент?

- Предвременото породување кај мене не беше спомнато од страна на мојот гинеколог акушер, ниту пак имав некоја предиспозиција бидејќи до 25-та гестациска недела имав уреден тек.

Сепак предвременото породување не може да се очекува освен да се претпостави ако има некоја медицинска историја или пак некоја болест од страна на мајката.

ЖМ: Како психички се носевте со неизвесноста и стравот во периодот кога веќе постоеше ризик од предвремено породување – дали вашето знаење од психологијата и гешталт пристапот ви помогна во тие моменти?

- Процесот на предвремено породување кај мене започна од 25-та гестациска недела сосема неочекувано со висок прстнат воденик и со постојан надзор од страна на стручните медицински лица и гинеколог-акушер д-р Никола Панчевски. Се породив во 27-ма гестациска недела, бебето се роди со 810 грама, а до тогаш бев две недели хоспитализирана со ограничено движење. Самиот момент на неизвесност и што ќе се случи понатаму дали сето тоа ќе резултира со позитивен исход кај мене будеше во еден момент страв, но од друга страна гледано имав сила да мислам и позитивно затоа што бев опкружена и со моите најблиски, сопругот кој постојано беше со мене во овој тек на случувања, читав книги кои ментално ме зајакнаа и верував во самиот процес што ми се случува. Едноставно стравот и неизвесноста ми беа на едната страна од вагата, а трпението и силината во мене и моите мисли ја надополнуваа другата страна од вагата.

ЖМ: Кои мисли или стравови најмногу ви се појавуваа во тие денови и како се обидувавте да останете смирени и присутни во моментот?

- Воопшто не беше лесно да се остане смирен во овие моменти. Сè уште ми одѕвонуваат речениците на медицинскиот персонал – секој момент, секоја минута и час што повеќе бебето остане внатре тоа е подобро за него. Се трудев максимално да бидам дисциплинирана, тоа и го постигнав. Постојаниот мониторинг (цтг) ми беше најстресен момент затоа што ги бараа срцевите отчукувања и дали има контракции на матката. Кога се правеше овој мониторинг во мојата глава доаѓаа мисли дали бебето е живо и дали имам контракции за да не дојде до раѓање. Но, во целата таа несреќа имав и среќа што немав никакво крвавење или контракции за да се роди пред да созрее белодробието на бебето кое се постигнува со неколку дози на боцкања. Во периодот на белодробната матурација имав уредни параметри.

ЖМ: Колку поддршката од партнерот, семејството и медицинскиот тим влијаеше врз вашата психичка стабилност во тие моменти?

- Мислам дека ова е најважниот момент за мене и за секоја мајка што го поминува истиот пат за предвремено раѓање. Влијанието на околината околу мене и поддршката од мојот партнер беа од големо значење бидејќи кај мене создаваше еден мир и спокојство дека не сум сама. Товарот го делам со некој што истото го поминува со мене. Многу е важно да внесете и ведрина во овие тешки моменти и неизвесни, а таа ведрина е структурата на семејството и партнерот.

ЖМ: Какви беа првите часови или денови по породувањето – дали бебето имаше некакви компликации или потреба од посебна медицинска нега, што е чест случај кај предвремено родените бебиња?

- Самото раѓање кај мене беше стресно од аспект на живот, дали моето бебе дише, дали ќе заплаче, што понатака. Кога слушнав дека заплаче и самостојно дишеше имав некоја надеж дека моето бебе ќе се бори, а тоа ми покажа што значи со малку нешто да собереш сила и да чекориш да живееш. Со малата родилна тежина подлежеше на живот во инкубатор. Компликации како секое предвремено родено бебе имаше, ризикот го носеше гестациската недела и родилната тежина, но и недоволно зрелите органи, мозокот, срцето, белите дробови. Се соочивме со анемија каде што му беше дадена една единица крв, потоа и прематурна ретинопатија каде што беше направена и интервенција од страна на очен доктор.

ЖМ: Какво беше вашето искуство со болницата и неонаталниот оддел – што беше најтешко, а што ви даде најмногу надеж во тие моменти?

- Постојано имав комуникација и бев известена од страна на неонаталниот оддел при КБ Систина. Докторите неонатолози и медицинските сестри го дадоа максимумот за Петар да биде ова што е денес. Најтешки моменти беа од самото раѓање до излегувањето од инкубатор, кога си одите дома без бебето и не знаете како ќе се одвива неговата состојба која се менуваше. Контактот со моето бебе беше во строго дезинфицирани услови преку стакло каде што контактот кожа на кожа и близината беа лимитирани и кратки. Во тие тешки моменти медицинската грижа и разговор ми беа поткрепа дека ќе биде се во ред. Се трудев да бидам трпелива и мојата смиреност да ја пренесам енергетски на моето бебе додека тоа лежеше во инкубаторот. Бебињата чувствуваат.

ЖМ: Колку време помина додека конечно можевте да си одите дома и како изгледаше тој прв ден кога го донесовте малиот херој дома?

- 56 дена беше престојот во инкубатор. Кога дојдовме дома мојот страв ја промени димензијата која отиде во правец на одговорност и грижа за едно мало бебе со еден режим на давање млеко, суплементи, прво искуство како мајка и тоа искуство кое те преместува и менува психички.

ЖМ: Кои беа најголемите предизвици во првите месеци по враќањето дома – и физички, и емоционално, и организациски?

- Промените мислам дека траат и се појавуваат во секоја фаза особено ако имате предвремено родено дете. Физички сте ненаспани, исцрпени, одите неделно на педијатриски прегледи, но имате сила да го поминете денот, емоционално сте со стравот да не згрешам нешто да го промени ритамот на функционирање на бебето и организациски за мене беше најподржувчки предизвик затоа што ми даваше некоја смиреност дека сум присутна како мајка.

ЖМ: Како вашата професионална заднина како дефектолог влијаеше на начинот на кој го следевте развојот на вашето бебе во првите месеци?

- Овој момент ми беше некако пресуден. Развојот на моето бебе го стимулирав постојано и го следев во рамките на развојните норми. Заднината како специјален едукатор и рехабилитатор ми беше и поддржувачка и охрабрувачка.

ЖМ: Денес, кога гледате наназад, како се развиваше вашиот син и дали имаше моменти кога особено силно ја почувствувавте неговата борбеност и сила?

- Борбеност и сила кај него имаше уште кога се роди, желбата за живот со толку малку родилна килажа. Борбата и силата продолжува и понатака.

ЖМ: Какво детство има денес Петар – што најмногу го радува, каков е неговиот карактер и што ве прави најгорди кога ќе го погледнете?

- Се трудиме со сопругот детството да му биде едно големо истражување, запознавање, снаоѓање и самостојност. Тука сме и емоционално да го описмениме што е многу значајно пред да научи да чита и пишува. Одликата на неговиот карактер е упорноста која ја носи со себе и истрајноста.

ЖМ: Вие не сте само мајка со лично искуство, туку и професионалец кој организирал едукативна сесија со психолог, дефектолог, тренер за доење и сертифициран тренер за хранење – што ве мотивираше да ја започнете оваа иницијатива?

- Пред сè, самото мое искуство како мајка на предвремено родено дете и низа предизвици кои се соочив во текот на растењето на детето, ми беа пресудно да им го доближам на мајките кој се соочуваат со истиот процес. Дека не се сами имаат каде да се обратат доколку децата имаат некој отстапки или доколку мајките забележат некоја тешкотија која не можат самостојно да се справат.

ЖМ: Што најчесто им недостига на родителите на предвремено родени бебиња – информации, емоционална поддршка или практични насоки?

- Во сите овие сегменти има недостиг. Емоционалната поддршка е важна за да истраеш, а практичните насоки и информации за да забележиш. Особено недостиг на информации во делот на доењето и хранењето.

ЖМ: Кои се најважните пораки што сакате родителите да ги слушнат на вакви едукативни средби?

- Силноста и храброста на вашето бебе се и ваша одлика на живеење понатаму. Борете се во секоја фаза која следува, а уживајте во секој момент кој доаѓа.

ЖМ: Ако денес пред вас стои мајка која штотуку дознала дека постои ризик да се породи предвреме, што би сакале да ѝ кажете од срце – како мајка која го поминала тој пат?

- Патот по кој ќе се движите заедно со своето бебе е доволно неизвесен, па затоа бидете трпеливи и слушајте ги советите на стручните лица.

Габриела Додевска Глигоровска/Женски  магазин

Слично

Поврзани вести