Економија, финансии, бизнис

Контакт

Најсреќна сум со внуката кога правиме божикни колачиња: Д-р. Милена Стевановиќ за Фактор

Најсреќна сум со внуката кога правиме божикни колачиња: Д-р. Милена Стевановиќ за Фактор

Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите пред и по стартот на новата година Фактор објавува новогодишни изјави од медицински експерти, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања од следната година.

Д-р. Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката за инфективни болести се надева дека следните новогодишни празници ќе ги минеме во многу побезбедна атмосфера, очекува дека повтроно ќе го имаме „старото нормално“. Среќна ја прави топлината на домот со внуката, а не прославите во кафеани и верува дека во своето топло катче со најблиските ќе го намали уморот од целогодишната борба со Ковид-19.

-Годинава ја завршувам и загрижена и навистина уморна. Тоа е нешто што не може да го сокрие никој. Можеби моите обврски на Клиниката за инфективни болести се малку поголеми од оние на останатите, пред се од менаџерски аспект, сè да се искоординира, со сите да се искомуницира, но Милена не е единствената во оваа институција. Јас и сите мои колеги кои го дадовме максимумот цела година чувствуваме вистински замор, зошто никој не можеше ниту да сони дека токму вакво нешто ќе ни се случи. Загрижена сум од последиците кои ќе бидат големи и на глобално ниво, но пред сè ме мачи тоа што ние имаме и пациенти со други патологии кои токму поради пандемијата некако се најдоа во втор план. Но, и покрај тоа што ги исцрпуваме сите капацитети до крај, во ниту еден момент не дозволивме и овие наши хронични пациенти да бидат запоставени. Затоа од сè срце посакувам да се вратиме онаму каде што застанавме. Не сакам да си поставувам преголеми амбиции и очекувања за да не ми се случи разочарување доколку не се исполни посакуваното, но како лекар пред сè посакувам Ковид-19 да не биде единствената и приоритетна патологија во здравството, сакам да се вратиме на едукацијата, специјализантите да продолжат со нивната надоградба, а ние да можеме и на нив максимално да им се посвеиме.

Како еден обичен човек искрено сакам уморот да го намалам во топлината на домот со внуката, со подароците од Дедо Мраз кој ни дојде на врата, со најблиските и со уживање во мирисот на ванила, цимет и кора од портокал кој го освојува домот на семејството. Посреќна ме прават сите модли во кујната и сите оние материјали за печење вкусни божикни колачиња, а овие мали нешта во семејството ме прават вистински среќна.  

Очекувам дека следните празници ќе ги дочекаме многу побезбедни и верувам дека ќе се врати „старото нормално“ кога ќе можеме да се поздравиме како луѓе, кога ќе можеме да разговараме од близу, кога ќе можеме без страв да се прегрнеме и да ги искажеме чувствата својствени за човекот, вели д-р. Стевановиќ за Фактор.


Слично

Поврзани вести