Најскапиот македонски кредит, земен во време на Министерот Славески, замина во историјата
Денеска Македонија враќа долг од 175 милиони евра, ја раздолжува Еврообврзницата што ја зема во 2009 та година. Станува збор за сума што Владата пред трипол години ја обезбеди преку задолжување на меѓународниот финансиски пазар. Каматната стапка за Еврообрзницата изнесуваше 9,87%. Вкупно за трите години по основ на камата од буџетот беа исплатени 51,8 милиони евра, а денеска Македонија треба да врати 183 милиони евра, пари во кои е вклучена и каматата за последините шест месеци од периодот за отплата. Ова задолжување се спроведе во кризна година, кога пристапот до свежи пари на пазарите беше отежнат. Токму со ова Владата тогаш ја правдаше високата цена на задолжувањето. Трансакција беше спроведена преку британската банка ХЦБЦ. Парите на сметка на државата легнаа на 8 јули. Тогашниот министер за финасии Трајко Славески тогаш изјави дека на меѓународниот финансиски пазар интересот за македонската Еврообврзница бил голем.
“На овој начин Министерството за финансии ефикасно ги обезбеди потребните средства за непречено финансирање на буџетот и продолжување на реализацијата на проектите на Владата“ - изјави тогашниот министер за финансии Трајко Славески.
Обезбедувајќи ги парите, владата тогаш велеше дека дел од нив ќе придонесат за зголемување на девизните резерви и зачувување на стабилноста на денарот.
Еврообврзницата, што Македонија ја раздолжува денеска беше откупена од инвеститори од Велика Британија , кои учествуваа со 59,9 отсто, од Швајцарија 11,3 отсто, Бразил 8,6 отсто, а останите беа од Австрија , Данска , Германија па дури од Грција...
Македонија во 2009 та донесе одлука за задолжување откако во првата половина од годината, поради кризата, буџетските приходи покажаа значајно потфрлување. Притисната од потребата да ја обезбеди буџетската конструкција за финаннисрање на тековните трошења, Владата се одлучи на брз начин да дојде до пари. Едната опција беше скапото задолжување со еврообврзница, но во игра беше и поевтино задолжување од ММФ, кое, пак претпоставуваше и условувања за начинот и динамиката за трошење на парите. Бидејќи стануваше збор за сума која заврши за директно буџетско трошење Владата се одлучи за еврообврзница. Владините претставници велеа дека за имиџот на државата е подобро задолжување со евробврзница, оти ја покажува моќта на државата да одговори на сите предизвици, но експертите коментираа дека не смее да се исклучи ММФ, бидејќи скапите пари ја влечат државата кон магичен круг на должнички безизлез. Со задолжувањето во 2009 та, јавниот долг тогаш порасна за речиси 3% од Бруто Домашниот Производ.
Првата Еврообрзница Македонија ја издаде во 2005 та година, во мандат на СДСМ, кога министер за финасии беше Никола Поповски. Вредноста на ова задолжвање изнесуваше 150 милиони евра, а каматата, која сеуште се плаќа изнесува 4,62%.
Со кои должнички позиции почнува 2013 та ?
Според последните податоци на Министерството за финасии, долгот на Централната влада во ноември изнесува 30,7% од Бруто Домашниот Производ, и во однос на месеците претходно се забележува тренд на континуиран пораст. Во исто време и Народната Банка објави дека расте и надворешната задолженост на земјата. Надворешниот долг надмина 5 милијарди евра и заклучно со октомври 2012 та тој изнесува 5,07 милијарди евра. Од оваа сума речиси 1,6 милијарди евра кон странство должи само државата.
Споредбената анализа покажува дека позначајно зголемување на долговите кон странство има кај државата и кај монетарната власт. Надворешната задолженост само на државата во септември во однос на месецот претходно пораснала за 108 милиони евра.
- Бруто надворешен долг
- држава 1,6 милијарди евра
- монетарна власт 344,5 милиони евра
- банкарски сектор 565,2 милиони евра
- приватен сектор 1,6 милијарди евра
Слично
