Најновите трендови во проектниот и ИТ менаџментот претставени во Скопје
На првата Национална конференција за проектен и ИТ менаџмент која се одржа во Скопје од страна на десетина искусни предавачи од Македонија и регионот беа претставени најновите трендови за подобро управување со важни проекти и модерни искуства кои на компаниите без оглед дали се од ИТ сферата или не може да им донесат значајни подобрувања.
Во фокусот на предавањата на Рок Сајовиц беа искуствата со дигитализацијата во Словенија и за големиот напредок на компаниите со примена на модерни технологии кои го подобруваат процесот на работа и носат дополнителни вредности.
Сајовиц говореше дека многу е важно да започнат да се применуваат трендовите на Интернет на нешата, вештачка интелигенција, блокчејн, големи бази на податоци и учење на машините со цел да се забрзаат процесите, да се создадат нови бизнис можности, а со тоа и да се отворат нови работни места со висококвалификувана работна сила. Сепак, за таков исчекор потребни се промени и во образованието и дигитална трансформација.
Александар Стевкоски говореше за SCRUM системот на менаџирање на проекти во ИТ индустријата и како овој пристап овозможува креирање на квалитетни решенија, откривање на проблемите во рана фаза, распределба на обврските и исполнување на барањата на клиентите.
Симона Стевкоска пак, ги истакна предностите на агилниот SCRUM систем во споредба со Waterfall пристапот на раководење на проекти, кои се неговите недостатоци и како најдобро да се примени.
На конференцијата се посочија повеќе методи за мотивација на тимовите, за потребните лидерски вештини, за потребата од вклученост на крајните корисници и многу други новитети.
Првата Национална конференција за проектен и ИТ менаџмент е во организација на Семос едукација и Clear View бизнис центарот.
