Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАЈМАЛКУ ДО 10 СЕПТЕМВРИ ВО ГРЦИЈА КАКО И ДОСЕГА - тие со ПЦР или рапид тест задолжително ќе се тестираат при влез во земјата

НАЈМАЛКУ ДО 10 СЕПТЕМВРИ ВО ГРЦИЈА КАКО И ДОСЕГА - тие со ПЦР или рапид тест задолжително ќе се тестираат при влез во земјата

Документ поврзан со Ковид-19, пополнет PLF формулар и задолжително тестирање при пристигнувањето во земјата за оние кои од Македонија патуваат во Грција со негативен тест, се актуелните мерките за влез кај јужниот сосед, што се продолжени за уште една седмица со одлука на грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“ е веќе објавена во Службен весник на Грција, стапи во сила во 6 часот утрово, а е со важност до 10 септември 2021 година.

Продолжени се и воведените промени минатата седмица, што се однесуваат на патниците кои немаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од имунизацијата или потврда за прележан Ковид-19, односно патуваат со негативен ПЦР или рапид тест, а во Грција влегуваат од одредени земји, меѓу кои и Северна Македонија, која беше додадена на листата.

Овие патници, задолжително ќе бидат тестирани при пристигнувањето, а негативниот резултат е предуслов за влез во Грција.

Сите посетители „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“, исто како и во изминатите речиси четири месеци имаат четири опции, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување кај јужниот сосед.

Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

Во однос на оваа категорија се воведените промени од минатата седмица, односно задолжителното тестирање при влезот.

Поконкретно, за „сите патници, независно од државјанството и начинот на влез, кои во Грција пристигнуваат од државите: Египет, Албанија, Аргентина, Северна Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција“, кои патуваат со негативен тест, предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР и рапид тест на влезните точки во Грција.

Задолжителното тестирање не важи за патниците кои имаат валиден сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележана болест во изминатите шест месеци.

Третата опција се однесува на оние кои прележале Ковид-19 во изминатите шест месеци и може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 180 дена подоцна.

Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.

Европскиот дигитален Ковид сертификат е четвртата алтернативна можност за влез во Грција.

Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.

Слично

Поврзани вести