Најмалку 25 милиони евра се бара од државата како оштета за „Таргет Тврдина“
Најмалку 25 милиони евра е вкупната сума која како оштета се бара од државата за случајот „Таргет Тврдина“, однсоно за масовното прислушкување поради кое произлезе и овој предмет на поранешното СЈО.
Основниот суд Скопје 1 потврдува дека станува збор за барање на оштета од 177 луѓе кои досега поднеле писмено барање за незаконското прислушување. Станува збор за бизнисмени, новинари, политичари чии телефонски разговори со години ги слушале разузнавачи и фаќале белешки од нив.
Барањата за надомест се од 30 илјади евра па се до 10 милион евра. Вкупно 35 сведоци во случајот до сега јавно побарале да бидат обештетени.
„Што се однесува до сумата, не сите оштетени имаат предјавено сума која ја побаруваат, но во однос на тие што досега поднеле сумите се разликуваат кај секој подносител од кои најголемата е од оштетените С.А. и Н.А. кои предјавиле отштетно побарување од 10.000.000 евра“ велат во писмениот одговор од судот на прашањата на РСЕ.
Се верува дека нелегално прислушување се над 20 илјади граѓани во земјава преку три системи за следење на комуникации во УБК .
Бројот на лица кои ќе поднесат отштетно побарување може и да се зголеми бидејќи предметот е активен.
