Најконкретното сведочење досега за крвавите настани на 27 април: Беше договорено Иванов да апси
Никола Војминовски осуден за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села денеска сведочеше на рочиштето за упадот во Собранието што се случи на 27 април минатата година.
Во сведочењето откри дека комуницирал со пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов како и со заменик министерот во МВР во техничката влада, Оливер Андонов. Тој откри дека лица од обезбедувањето на екс премиерот Никола Груевски, кој во тој момент беше во Виена, биле во Собранието. Од разговорите кои ги слушал пред 27 април, сведокот посочи дека било планирано претседателот Ѓорѓе Иванов да прогласи воена состојба и да апси.
Одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Рускоска, сведокот рече дека и претходно имал комуникација со пратеникот Арнаудов, а откри и дел од разговорите помеѓу пратеникот и Оливер Андонов.
„Имаше средби. Едната се случи пред Собранието. Господинот Арнаудов беше потпрен на оградата во тој момент со мене беше и Оливер Андонов и некои други лица. Имаше разговор помеѓу Оливер и Арнаудов дека единствено решение на тие случувања е токму тоа што се случи на 27 април, а тоа е дека ќе ги отворат вратите на Собранието и толпата да влезе внатре. И тоа и се случи. Исто така и дека претседателот на Република Македонија ќе прогласи воена состојба и ќе бидат уапсени одредени лица“, рече сведокот.
